Култура
Најдобрите филмови од „Оскарите“ и македонскиот „Копање“ на репертоарот на „Синеплекс“
Новата кино седмица во „Синеплекс“ ќе почне со најдобрите филмови кои годинава се закитија со наградата „Оскар“. „Обликот на водата“ и „Викај ме со твоето име“ ќе се најдат на редовниот репертоар. Покрај нив публиката ќе може да го погледне и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, добитник на „Оскар“ во категориите „најдобра женска улога“ и „споредна машка улога“.
„Обликот на водата“ е спиритуална бајка, сместена во Америка, во времето на Студената војна, некаде околу 1962 гoдина. Во тајната владина лабораторија, со безбедност од највисок степен, каде што работи, осамената Елиса е заробена во живот во изолација. Животот на Елиса засекогаш се менува кога таа и нејзината колешка Зелда ќе откријат таен класифициран експеримент. Филмот е добитник на четири „Оскари“ за категориите „најдобар филм“, „режија“, „оригинална музика“ и „дизајн на продукција“.

„Викај ме со твоето име“, новиот филм на Лука Гвадањино, претставува сензуална и трансцедентна приказна за првата љубов, базиран на прочуениот роман на Андре Акиман. Седумнаесетгодишниот Елио (Тимоти Шаламе) го поминува летото доста опуштено со своите родители во едно италијанско село. Возбудата доаѓа во облик на висок, згоден американски помошник, истражувачот Оливер (Арми Хамер) кој доаѓа во земјата за да работи со професорот кој е татко на Елио. Во почетокот Елио внимателно му посакува добредојде. Иако смислува повеќе причини да гпоминува повеќе време со Оливер, Елио го исмејува како е дете на образовани академици, но и за неговиот американски нагласок. Нивните вербални конфликти почнуваат да добиваат еротска нота, за потоа конечно да прераснат во флерт – првиот бакнеж кој е истовремено и разигран и секси – и е невозможно да се одделат. Иако крајот на престојот на Оливер во Италија ќе го наруши нивниот однос, ова е за Елио прва љубов и иако нивната афера е многу кратка, она што остана во срцето и мислите на Елио ќе остане таму засекогаш. Филмот годинава доби „Оскар“ во категоријата за „најдобро адаптирано сценарио“.

На кино-репертоарот ќе се најде и македонскиот филм „Копање“, на режисерите Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов. Гораст и Ивица се другари од детство кои 16 години не комуницираат. Секој има своја причина зошто не комуницирал толку години, но никогаш не ја споделиле меѓу себе. Некаде во селска средина живее Гораст. По години поминати во градот, Ивица конечно се враќа кај својот стар другар. Ивица, за секој случај со себе го води младиот Алек. Додека евоцираат спомени од детството, Гораст му соопштува на Ивица дека го повикал за да копаат дупка во дворот на куќата. Копајќи се открива причината зошто двајцата биле разделени 16 години и какви последици има нивното некогашно пријателство. „Копање“ е филм за минатото и сегашноста, за пријателството и универзалното правило на едно другарство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

