Култура
На сцената на Националната опера и балет изведба на операта „Кавалерија рустикана“
На сцената на Националната опера и балет на 11 ноември со почеток во 20:00 часот ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, во која се прикажани трагичната приказна за љубовниот триаголник, за традицијата која се испречува помеѓу страста и љубовта, омразата и одмаздата.
Операта ќе се изведе под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на Џандоменико Вакари од Италија, сценограф е Зоран Николовски, костимограф е Елена Дончева, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор: Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат солистите: Благица Поп Томова во улога на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Борис Трајанов како Алфио, Николина Јаневска во улогата на Лола, Марика Поповиќ како Мајка Лучија, хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер натопен во страст и со одмазда како главен движечки мотив и еден од најомилените и најизведуваните оперски наслови до ден денес на светските оперски сцени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Белгискиот виртоуз на виолина Марк Бучков – солист со Македонска филхармонија
Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток (6 февруари) со почеток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Магична виолина“ на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков. Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а на програмата се: увертира „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А.Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/де-мол, оп.107 од Ф.Менделсон.
Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти ширум Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со Кралскиот Концертгебау оркестар и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург, Тонхале оркестарот во Цирих, Националниот оркестар на Белгија, Националниот симфониски оркестар во Торино, Симфонискиот оркестар на Маринскиот театар, Московскиот филхармониски оркестар, Оркестарот „Џузепе Верди“ во Милано, Камерниот оркестар на фестивалот во Вербие итн., работејќи со диригенти како Кристоф Ешенбах, Валери Гергиев, Станислав Кочановски, Михаел Сандерлинг, Андреј Борејко, Дмитри Лис, Кристијан Арминг, Максим Венгеров, Џејмс Џад… Марк Бучков е редовен и во рециталните настапи настапувајќи во најпрестижните концертни сали во светот, како што се Вигмор хол, Карнеги хол, Концертгебау, Елбфилхармонија, Тонхале во Цирих, Концертхаус…
Како истакнат камерен музичар, редовно учествува на фестивалот Вербие во Швајцарија. Во последните две сезони, Бучков оствари значајни настапи со Минхенската филхармонија, Бриселската филхармонија, Оркестарот на Хесенскиот радиодифузен сервис и Оркестарот на фестивалот во Вербие. Во 2021 година, беше поканет да настапи во Концертгебау во Амстердам со Холандскиот филхармониски оркестар, под диригентската палка на Лудовик Морло, за потоа да биде поканет како резидент-уметник на оркестарот за сезоната 2022/2023. Првиот албум на Марк Бучков е издаден за „Хармонија Мунди“ и вклучува две негови композиции, а доби признанија како „Diapason d’Or“ и „Diapason Découverte“, но и извонредни критики од списанието „Грамофон“. Инаку, Марк Бучков потекнува од семејство на виолинисти.
Првите часови по виолина ги добил на петгодишна возраст од својот дедо. Во класата на Михаела Мартин, го развил својот талент како млад солист на постдипломски студии на Академијата „Кронберг“, а од 2018 година бил под менторство на Едвард Вулфсон. Моментно е професор на Кралскиот конзерваториум во Лиеж (Белгија) и на Меѓународната музичка академија во Лихтенштајн. Свири на виолина од Карло и Микеланџело Бергонзи од 1742/44 година, којашто му е приватно позајмена од „Edwulstrad RMIC Ltd“.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што завршува основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на катедрите за хорско и за оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано. Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави.
Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и е диригент на Симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и на професионалниот мешан хор „Про Арс“. Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во Португалија, Словенија, Шкотска, Белгија, Грција, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Србија, Бугарија, Чешка, Турција, Австрија, Романија, Полска и Русија. Татарчевски е редовен член на неколку жирија на интернационални хорски натпревари, како и раководител на Меѓународниот хорски форум во Струга.
Култура
Македонскиот народен театар и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, потпишаа меморандум за соработка
Директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, заедно со еминентниот режисер, Дејан Пројковски, престојуваат во официјална посета во Унгарија, по повод потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта.
Со овој договор Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери кои што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.
Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници.
Со потпишување на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции.
Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.
Како што истакна директорот, Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, наш драг гостин ќе биде директорот на Националниот театар (Nemzeti Színház), Атила Видњански со неговите најблиски соработници.
Култура
Ева Ивановска од Делчево е автор на најдобрата беседа за 2025 година
Младата средношколка Ева Ивановска од Делчево е добитничка на престижната награда за најдобра беседа за 2025 година на Конкурсот за најдобра беседа на НУ „Григор Прличев“ од Охрид, годинава под наслов „Чувај се себеси“.
Таа во текот на вчерашниот ден со посебен примерок го докажа авторството и објасни дека е ученичка во четврти клас во гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ .
-Посебно сум среќна и горда што ќе бидам дел од Прличевите беседи годинава, напиша Ивановска.
Наградата за најдобра беседа во вредност од 9000 денари и статуетка со ликот на Прличев на Ивановска ќе и’ биде бидат врачени на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид.
На Конкурсот, трет по ред и тоа на државно ниво имаа право да се пријават млади автори од 15 до 30 годишна возраст.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ традиционално е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.