Култура
Нов почеток за македонската кинематографија најавуваат ДФРМ и Агенцијата за филм
Јасна стратегија и силен креативен импулс за нов почеток на македонскиот филм, најавуваат филмските работници и Агенцијата за филм по денешното вонредното собрание на Друштвото на филмските работници на Македонија.
На собранието е потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и Друштвото на филмските работници во правец на зајакнување на заедничките заложби за подобрување на условите за работа, квантитетот и уметничките дострели на македонското филмско производство. Меморандумот го потпишаа директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, и претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – Изи.
Според нив, со овој меморандум ќе се стави крај на повеќегодишните проблеми што се создавале поради нетранспарентното и сомнително раководење на Агенцијата за филм, а на голема штета на македонската кинематографија.
„Филмови што се снимаат овде и сега и говорат за предизвиците со кои се соочуваат актуелните генерации го опишуваат и критикуваат општественото секојдневие во обид да ја разобличат неговата застранетост, ќе бидат делата што ќе го означат новиот почеток на македонското кино. Особен фокус ќе биде ставен на младите автори, европските копродукции и документаристиката, а возобновувањето на македонскиот анимиран филм ќе претставува еден од клучните приоритети“, стои во соопштението од денешното собрание.
Друштвото на филмските работници на Македонија е основано во 1950 година од доајените на македонскиот филм.

„Oва друштво претставува столб на нашата кинематографија низ сите нејзини епохи и премрежиња. Во него се среќавале и се среќаваат филмските творци од сите генерации со единствена цел да го унапредат македонското кинопроизводство и да обезбедат подобри услови за филмско творештво и егзистенција на оваа специфична општествена категорија наречена филмаџии. Од ова друштво произлегле идеите за речиси сè што денес се нарекува македонска кинематографија. Дури и основањето на Филмскиот фонд на РМ, денес Агенција за филм, е иницијатива на членовите на ДФРМ“, потенцираат од ДФРМ.
Навраќајќи се на многу проблеми со кои биле соочени во годините, велат дека првпат по многу години тие имаат можност да бидат вклучени во процесите на креирање стратегија и легислатива во доменот на филмот, што е впрочем негова примарна улога.
„Друштовото беше соочено со притисоци кон членовите да преминат во новосоздадени здруженија, обиди да му се одземе фестивалот „Браќа Манаки“, да му се оспори лиценцата за избор на македонски кандидат за „Оскар“. Во исто време Агенцијата за филм беше претворена во херметична институција, која ги окупира сите надлежности поврзани со филмското производство, често работејќи под нетранспарентни и сомнителни околности, од кои прозлегоа и сè уште произлегуваат вртоглави долгови, поддршка на партиски мотивирани проекти, индиции за несовесно постапување и ненаменско искористување на средствата наменети за филм. Денес, Агенцијата за филм води политика на отвореност и партнерство со филмската фела градејќи атмосфера во која квалитетот ќе претставува клучен критериум при селекцијата и поддршката на филмските проекти“.
Овој меморандум за соработка според нив е од огромно значење бидејќи со него се официјализира институционалната поддршка од страна на Агенцијата за филм кон ДФРМ, најстарата жива македонска филмска институција. За возврат Агенцијата за филм добива партнер во заедничките заложби за унапредување на македонскиот филм и креирањето современа и прогресивна културна политика за зацврстување и втемелување на нашата мала кинематографија во европското филмско семејство.
Друштвото на филмските работници на Македонија е единствена филмска институција кај нас призната од страна на Американската академија за подвижни слики, уметност и наука поради што поседува лиценца за избор на национален кандидат за „Оскар“ од неанглиско говорно подрачје. ДФРМ е основач и организатор на ИФФК „Браќа Манаки“, постојан член во ИМАГО и други светски организации и асоцијации на филмски професионалци.
„Во периодот што следува активностите на Друштвото ќе бидат насочени кон внатрешно консолидирање, интегрирање на младите филмски творци, едукација, промоција на македонскиот филм, активно учество во креирањето на националната културна стратегија во доменот на подвижните слики и наше подлабоко инволвирање во европскиот систем на филмски институции“, најавуваат филмаџиите.
Агенцијата за филм на Република Македонија, пак, од друга страна, е институција задолжена за селекција, финансирање и евалуација на филмови и други проекти од областа на кинематографијата негувајќи ги притоа европските филмски вредности, принципите на културна диверзификација, квалитет, транспарентност, отвореност и космоплитизам.
Нејзините актуелни приоритети се фокусирани кон стимулација и развој на оригинални идеи преточени во филмски сценарија, како и поголема вклученост на жените во сите области од филмското производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

