Книги
Објавена книгата „Шаманизмот во македонската народна традиција“ на Ана Витанова-Рингачева
Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата на Ана Витанова-Рингачева „Шаманизмот во македонската народна традиција“, која претставува прва научна и културолошка книга на оваа тема во Македонија.
Оваа книга претставува адаптација на докторската дисертација на Витанова-Рингачева. „Шаманизмот во македонската народна традиција“ е научен труд со повеќеслојна структура и содржина. На крајот се објавени и фолклорисички и етнографскии прилози.
Овој труд го претставува шаманизмот како културен и религиозен феномен, во неговите основни историски и културни видови, почнувајќи од неговата генеза, па сè до неговата рефлексија врз животот на дадена зедница.
Во заклучниот текст, авторката, меѓу другото, пишува:
„Шаманизмот како специфична техника на екстаза и магиска практика претставува мистичен феномен, кој подразбира екстатично патување на човекот-шаман во светот на духовите и способност за општење со светот на оностраното. Иако шаманизмот како религиозен феномен нема да се издигне на степен на религија, елементи од шаманското екстатично искуство се наоѓаат во основата на сите доминантни религии. Шаманзимот како архаична техника на екстатично патување е присутен како `преживелица` во македонската народна традиција. Фолклористичката и етнографската граѓа која беше предмет на анализа, само ја потврди тезата дека реликти од шаманизмот се препознаваат во многу слоеви од македонскиот обреден и приказничен фолклор. Истражувањето на шаманистичките елементи во наши локални рамки и разоткривањето на нивното директно влијание врз обичаите и верувањата кај македонскиот човек покажа дека се работи за универзален обреден комплекс, вграден во човековото духовно искуство.“
Д-р Нина Анастасова-Шкрињариќ, во предговорот на книгата, меѓу другото, пишува:
„Книгата претставува импозантна научно-истражувачка расправа за шаманизмот согледан како своевиден „културен остаток“ од првобитните култури, којшто опстојува во народната култура на современите народи…
Во својата богата теоретска и апликативно-аналитичка студија, д-р Ана Витанова-Рингачева докажува дека шаманизмот не е историски надминат ниту во цивилизирани околности: иако генерално им се припишува на пониските стадиуми од еволутивниот развој, оваа древна мистична практика преживеала и во цивилизираните општества каде перзистира паралелно со поразвиените религиски облици…
Витанова-Рингачева си поставува задача да ја документира и аргументира шаманската духовна практика на нашиве простори. За таа цел, таа супериорно се движи низ доменот на повеќе научни дисциплини (антропологија, компаративна митологија, историја на религии, фолклористика и етнографија), компарирајќи ги ставовите на светската наука со сопствените теренски согледувања. Резултатот на ваквата прилично сериозна истражувачка амбиција е овој скапоцен и редок труд кој претставува функционален спој на антрополошка и фолклористичко-етнографска научна експертиза.“
Д-р Ана Витанова-Рингачева е доцент на Катедрата по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде го предава предметот Македонска народна книжевност. Дипломирала на групата Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Завршила постдипломски студии по македонистика на истоимениот факултет каде магистрирала, а докторирала на тема: Шаманизмот како „културен остаток“ во македонската народна традиција. Нејзиниот примарен интерес е насочен кон истражувања и проучувања на македонската фолклористика. Покрај тоа се занимава и со херменевтички толкувања на современата македонска книжевност.
Автор е и на книгата Поетскиот дискурс во наставата и на други публикации и трудови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Книги
„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија
Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ денеска ќе ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.
-Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.
Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.
-Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.
Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.
-Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари, одбележа 17 години постоење, соопшти издавачката куќа.
Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана
-Во ова Друштво, покрај иселеници Турци, кои иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21 век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор, ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка катедра по овој повод, соопшти „Матица македонска“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори
На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.

