Култура
„Оваа зграда зборува (на)вистина“
В сабота (28.8.2021 год.) во зградата на старата електрична централа во Љубљана, Словенија (Stara mestna elektrarna), со почеток од 21 часот, ќе биде изведен перформансот „Оваа зграда зборува (на)вистина” во рамки на 24. издание на еден од најзначајните фестивали во Европа, меѓународниот фестивал за перформативни уметности „Млади Леви”.
„Оваа зграда зборува (на)вистина” е перформативна инсталација за историјата на Скопје во размер 1: 100, која ја доби главната награда „Златна трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2019 година и оттогаш гостуваше на повеќе меѓународни фестивали како МОТ во Скопје и БИТЕФ во Белград.
Перформансот – инсталација е на авторот Филип Јовановски, визуелен уметник и активист, кој ги трансформира политичките и општествените категории во уметнички просторни слики и се залага за зачувување на важноста на јавното и јавниот простор, преку комбинација на различни форми на сценографија: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација.
Перформансот е куриран од Ивана Васева, а е во изведба на актерката Кристина Леловац, чија брехтовски инспирирана нарација ја води публиката низ едно кондензирано искуство за Железничката зграда во Скопје или за Скопје кое претпре длабока трансформација во изминатите децении, со потсетување дека модернистичкиот просторен менталитет е под закана да се избрише од секој град. Всушност „Оваа зграда зборува (на)вистина” може да биде перформативна инсталација за историјата на кој било град кој се соочува со бришење на трагите на колективноста, солидарноста и одговорноста како резултат на неолибералните политики.
„Оваа зграда зборува (на)вистина” е продуциран од Музеј на Град Скопје во соработка со организацијата Факултет за работи што не се учат – ФР~У специјално за Прашкото квадриенале, а за гостувањето во Љубљана продуцент е Емилија Чочкова со техничка поддршка на Иванчо Велков.
Меѓународниот фестивал „Млади Леви” е еден од најистакнатите годишни настани на Институтот Бункер, кој ги претставува најактуелните изведувачи и современи прогресивни перформативни практики од целиот свет во Љубљана секое лето од 1998 година.
Изведбата на ,,Оваа зграда зборува (на)вистина” на „Млади Леви” во Љубљана е дел од годинешното, шеснаесетто издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, кој е во организација на Факултет за работи што не се учат – ФР~У. Целосната програма на 16. АКТО ќе биде дополнително објавена а во моментот ФР~У во соработка со Арт проект лаб работи на нов продукција, перформанс за Централната зграда на Македонска пошта, чија премиера се очекува при крајот на септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

