Култура
Отворање на „Зимски салон“ во Чифте амам
Друштвото на ликовните уметници на Македонија, под покровителство на Министерството за култура, а во соработка со Националната галерија, го најави отворањето на 19. издание на „Зимски салон“, кое ќе се одржи на 9.2.2022 година (среда) во Националната галерија објект – Чифте амам, со почеток во 20 часот.
![]()
„Зимскиот салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – ДЛУМ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен и основан во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерeс и голема медиумска поткрепа.
![]()
Денешната физиономија на „Зимскиот салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, гранд при (престој во ателјето на Citè des Arts во Париз) ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум, а тоа е конкретна тема на „Зимски салон“, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година оваа манифестација прераснува во меѓународна.
![]()
Годинешниот „Зимски салон“ е 19-ти по ред, селектор е романската професорка од Националниот универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу, а зададената тема гласи „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконстуирање“.
![]()
На изложбата учество ќе земат: Коле Манев, Вана Урошевиќ, Кирил Гегоски, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Илина Арсова, Филип Фидановски, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска-Кочоска, Слободан Живковски, Пандора Апостолоска-Саздовска, Златко Бојковски, Христина Зафировска, Стефан Димовски, Ацо Таневски, Мирослав Вељковиќ-Мишо, Јана Луловска, Ангелца Стоиљковиќ, Ивона Велковска, Марина Цветановска-Мартиновска, Моника Десоска-Каргова, Зуљеха Зубери-Али, Бојана Артиновска-Трпческа, Драган Верговски-Алпи, Душан Георгиевски, Ангел Димовски-Чауш, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Ненад Тонкин, Маја Танева, Нела Јанковска, Росица Лазеска, Дијана Томиќ-Радевска, Ана Ивановска, Марија Мицова-Гацова, Тања Таневска, Јана Манева-Чупоска, Страхил Петровски, Мице Јанкуловски, Ирена Паскали и Златко Глигоров.
![]()
Од страна на кураторот на изложбата „Зимски салон“ поканети се 5 автори гости од Романија: Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукаларија Деметреску и Река Цсапо Дуп.
![]()
Изложбата ќе биде отворена до 19.2.2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

