Култура
Петто издание на „Литера“ под мотото „Свет со љубов“ од 23 до 27 мај во Музеј на град Скопје
Под мотото „Свет со љубов“, од 23 до 27 мај, во Музејот на град Скопје ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера 2023“. Во петте фестивалски дена ќе има богата програма за специјализирана публика, но и низа настани наменети за сите заинтересирани посетители на различна возраст. Една од ѕвездите на фестивалот е познатиот илустратор од Хрватска, Доминик Вуковиќ кој работеше на визуелниот идентитет на „Литера 2023“. Неговата визија за „Свет со љубов“ ќе провејува низ целиот фестивал.
Годинава ќе учествуваат повеќе гости од Хрватска и од Македонија, а планирани се многу настани: мастер класови, работилници за професионални илустратори, промоции на книги, детски работилници за литература и илустрација, читања сликовници итн. Во рамки на фестивалот ќе бидат отворени три изложби на автори од Хрватска, како и изложбата „Свет со љубов“, во која ќе бидат изложени дела на млади македонски илустратори, што учествуваа на конкурсот што го организираше фестивалот.
Централен настан на фестивалот ќе биде конференцијата на која ќе гостуваат реномирани професионалци од областа на детската литература и илустрацијата. Неизоставен дел се наградите „Литера 2023“, кои ќе бидат соопштени и доделени на затворањето на фестивалот. „Визијата на Литера е голема, со тимот работиме многу посветено и внимателно. Литера е повеќе од значајна за нашето општество, но најмногу за новите генерации. Преку квалитетна илустрација за деца се развива визуелната култура на децата. Будно ја следиме домашната сцена и важно ни е на Литера да се промовираат најдобрите наслови за од ден на ден да имаме што повеќе македонски сликовници кои ќе се преведуваат низ светот. Петтото издание на фестивалот за нас е мал, но значаен јубилеј, бидејќи е потврда дека чекориме по вистинскиот пат. Годинава ќе биде празник за младите илустратори од Македонија, кои ќе имаат можност да бидат дел од работилници водени од значајни хрватски автори. Ќе се потрудиме да бидеме ветар во грб на младите автори и илустратори“, вели Софија Семенпеева од тимот на „Литера“.
Доминик Вуковиќ е роден во Загреб, во 1990 година. Завршил Академија за ликовни уметности во класата на Свјетлан Јунаковиќ во 2015 година. Тој е илустратор, графичар и сликар, а од 2019 година работи како надворешен соработник на академијата во Загреб, на графичкиот отсек.
Учествувал на бројни ликовни колонии и работилници, а имал четири самостојни изложби. Илустрираната новела „Долго патување до целта“ од Михаел Енде, сликовницата „Сон на летната ноќ“ на Зоран Фериќ и „Мува во ателје“ на Сања Ловренчиќ, кои тој ги илустрирал, се сместени меѓу 25-те најдобро обликувани хрватски книги за 2019 и 2020 година, според изборот на Националната и универзитетска библиотека во Загреб. За авторската сликовница „Свјетлана и соништа за летот“ ја добил наградата „Григор Витез“.
Во изминатите години „Литера“ реализираше исклучително значајни активности за промоција на македонската илустрација. Една од нив е големата изложба на илустрации од Димитар Кондовски, доајен на современата македонска уметност. Ова беше прва изложба посветена на неговото творештво како илустратор. Друг подвиг беше првото претставување во Македонија на илустрациите од големиот Младен Туниќ, чие творештво преку книгите го паметат и препознаваат многу генерации.
Значаен дел од „Литера“ е посветен токму на најмладите за кои е наменета детската литература и илустрација. За децата се организираат читања и работилници, дел од минатите изданија беа карваните низ повеќе градови и села во Македонија, каде децата се запознаваа со процесот на креирање сликовница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”
Култура
Прилепскиот џез фестивал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, организаторите бараат објаснување
Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.
Култура
„Ѕвездено арпежо“ со врвната харфистка Анлин Ленартс
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на Grand Prix International Lily Laskine (2005) и Награда на публиката на ARD International Music Competition во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за Warner Classics, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое во 2019 година ја доби наградата Opus Klassik. Истата година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

