Контакт

Култура

Портретот на Кирил Ценевски поставен во кинотечната „Куќа на славните“

Објавено пред

Посетителите на Кинотеката секогаш ги пречекува своевидната „Куќа на славните“ – ѕидот на кој се поставени фото-портретите на доајените на македонската кинематографија.

dobivaj vesti na viber

По повод 80 години од неговото раѓање, на 28 јануари 1943 година, Кинотеката го постави и портретот на филмскиот режисер и сценарист Кирил Ценевски, кој почина на 17 јуни 2019 година во Скопје.

Кирил Ценевски првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ, од 1970 година, а веќе следната 1971 година Ценевски го режира дебитантскиот игран филм ЦРНО СЕМЕ, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто.

За ЦРНО СЕМЕ, филм што ја раскажува приказната за македонските заточеници на пуст грчки остров за време на Граѓанската војна во Грција, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија, а ЦРНО СЕМЕ е и прв македонски игран филм повеќекратно наградуван на интернационални филмски фестивали: „Златна арена“ за режија на најзначајниот југословенски фестивалот во таа епоха – Пулскиот филмски фестивал; „Златен венец“ за најдобар режисер дебитант, исто така во Пула; „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва; „Златен Лачено“ за режија во Авелино; македонската републичка награда „11 Октомври“, а бил и југословенски кандидат за „Оскар“ во 1972 година.

„Во седумдесет и првата година на екраните ќе се појави едно од најзначајните филмски остварувања во македонскиот филм за целата негова историја на постоење, вклучувајќи го и денов денешен. Тоа е првиот обид, овенчан со апсолутен успех, да се завладее жанрот на античката трагедија врз материјал речиси современ, тоа е филмот со зачудувачки заокружен стил, расположба, аскетизам на режијата и на актерската игра“ – со овие одбрани зборови рускиот критичар и истражувач на филмот Мирон Черњенко во неговата книга „Македонскиот филм“ (Кинотека на Македонија, 1997 година, Скопје) ја скицира појавата на Ценевски.

По извонредниот успех на ЦРНО СЕМЕ, четири години подоцна, во 1975 година, повторно во продукција на „Вардар филм”, следува уште едно врвно остварување на Ценевски, кој воедно е и сценарист на филмот, филмскиот спектакл ЈАД, досега единствениот македонски филм со средновековна тематика, за кој добива „Специјална награда“ во Карлови Вари.

Се работи за двочасовна историска фреска која сосема ги отсликува контроверзиите на своето време и е обременета со истите стереотипи од кои боледува и историската наука на епохата. Иако филмот е оценет како „најграндиозен потфат во македонскиот филм” (Черњенко) и според темата, „единствен и во македонската па и во тогашната глобална југословенска кинематографија “ (филмологот Мирослав Чепинчиќ), сепак, ЈАД не успева да ги избегне клишеата што му ги наметнува тогаш доминантната општествена матрица, која се обидува средновековните еретици – богомилите, да ги претстави како борци за слобода, своевидни средновековни „пролетери“, а официјалната црква како завојувачка окупациска сила во служба на Византија.

После ЈАД Ценевски се врти кон документарниот филм и по сценарио на поетот Анте Поповски, кој во тој период застанува на чело на „Вардар филм“, реализира серија портрети на венцоносците на Струшките вечери на поезијата.

Филмот ЛЕОПОЛД СЕДАР СЕНГОР е реализиран во 1975 година и претставува портрет на африканскиот државник и поет нобеловец, претседател на Република Сенегал – Леополд Седар Сенгор. Филмот е снимен во Сенегал, во главниот град Дакар и на бреговите на Атланскиот Океан, а разговорот со Сенгор во неговата резиденција го води поетот и дипломат Ацо Шопов, во тоа време југословенски амбасадор во Сенегал.

Филмот ЕУГЕНИО МОНТАЛЕ, е реализиран во 1976 година и вообичаено, го портретира венцоносецот, овој пат големиот италијански поет, исто така нобеловецот Еугенио Монтале. Снимен е во Џенова, родниот град на поетот, но и во Милано и Струга. Истата година го реализира и филмот ФАЗИЛ ХИСНИ ДАГЛАРЏА, посветен на големиот турски поет.

Следува документарецот во боја ЏАФРА, нова соработка меѓу Поповски и Ценевски, реализиран во 1978 година во Либан, поточно во бегалскиот камп Тал Ел Затр близу до Бејрут, каде што Либанскиот фронт, за време на граѓанската војна во земјата, извршил невиден масакр над палестинските бегалци меѓу кои биле инфилтрирани и многумина борци, припадници на Палестинската ослободителна организација – ПЛО. Филмот е реализиран од искажувања на неколку млади Палестинки што го преживеале масакрот како и од архивски снимки од логорот и масакрот, а во филмот се појавува и тогашниот водач на Палестинската ослободителна организација – Јасер Арафат.

Во филмографијата на Ценевски следат уште три документарни филмови-портрети на исклучително реномирани поетски имиња во светски рамки, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. ЕЖЕН ГИЛВИК му е посветен на опусот на големиот француски поет, со осврт на неговата биографија. Реализиран е во 1979 година, во Париз, Охрид и Струга и исклучително успешно ја остварува својата цел – портретирање на венцоносецот Гилвик, а режисерот Ценевски со композицијата на кадрите и адекватната употреба на контрастите, како и во претходните филмови од овој поетски циклус, визуелно многу успешно кореспондира со сценаристичката предлошка на Поповски што, секако, резултира со врвно документарно остварување.

Вториот поетски портрет е реализиран истата 1979 година и му е посветен на животот и делото на еден од најголемите шпански поети Рафаел Алберти. Филмот претставува поетски портрет на венцоносецот Алберти и го следи неговиот животен и творечки пат, од родното место во Андалузија – Пуерто де Санта Марија, преку учеството во Граѓанската војна во Шпанија на страната на републикаците, четиридецениското прогонство надвор од родната земја, во Буенос Аирес, Париз и Рим, триумфалното враќање во Шпанија во 1977 година, како и добивањето на „Златниот венец“ во Струга и Охрид. Поетското сценарио на Поповски, исклучителната поезија на Алберти и визуелната поезија на Ценевски, во овој филм се амалгамираат во извонредно документаристичко остварување, кое без сомнение претставува едно од најрепрезентативните дела на македонската портретна документаристика.

Последниот филм од овој поетски серијал на Ценевски и Поповски, е филмот МОСТОВИ – СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА од 1982 година, ретроспектива на неколку години од реномираниот поетски фестивал во Струга и во него се презентираат лауреатите на „Златниот венец“.

Во меѓувреме, Ценевски му се враќа и на играниот филм и во 1980 година го реализира својот трет долгометражен игран филм, ОЛОВНА БРИГАДА, суптилна и храбра критика на бирократизираното социјалистичкото општество, преку портретирања на случувањата во рударското окно. На фестивалот во Пула филмот е награден со наградата „Првомајска“ за филм со современа тематика, а од парискиот Меѓународен комитет за дифузија на уметнички и литературни дела преку филмот (CIDALC) е награден со „Сребрен медал“.

Пет години подоцна, во 1985 година, Ценевски го реализира својот последен игран филм, ЈАЗОЛ, трагична и драматуршки комплицирана приказна за депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна, со големиот српски актер од македонско потекло Лазар Ристовски во главната ролја, кој не наидува на добар одѕив кај тогашната критика, но кога ќе се погледне од денешна дистанца, филмот дефинитивно го поминува тестот на времето.

Една година порано, во 1984 година, по сопствено сценарио, Ценевски го реализира документарниот филм ХУАСКАРАН – АНДИ ’82, репортажа за патот на првата македонска експедиција од Скопје, преку Париз, до врвовите на Андите во Перу.

Во 1987 година Ценевски го реализира и своето последно остварување, документарниот филм ХЕМТЕКС, пропаганден филм за истоимената скопска фабрика, по што, повеќе од три децении влегува во своевидна самоизолација и разочаран од актуелните општествено-политички и културни состојби, одбива да работи на филм.

Во 2013 година Кинотеката на Македонија на Кирил Ценевски му го додели годишното признание „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година Друштвото на филмските работници на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола му ја додели нововостановената награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Во 2019 година, во чест на тригодишнината од смртта на еден од најголемите македонски режисери, Кинотеката објави ДВД издание со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски: ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА И ЈАЗОЛ.

Ако Ценевски во македонската кинематографија дојде од „никаде“, и крајот на неговата кариера некако заврши – „никаде“. Авторот кој беше пречекан како анфан терибл на македонската кинематографија и инстантно величан безмалку како толку посакуваниот месија на новото доба, режисерската кариера ја заврши на 42-годишна возраст. Тоа е истата или сличната возраст на која другите автори ги снимаа нивните дебитантски дела; и во двата случаи се работи за истата, или слична, неправда.

„Во сегашната ситуација како да немам тло да водам дијалот за уметноста, за иднината, сè е исполитизирано. Комплетно е изместен системот на ингеренции, а со тоа и системот на вредности…“, велеше Ценевски последното интервју што го има дадено за медиумите, за магазинот „Форум“ во 2002 година (поместено во книгата „Фацерија“ на Влатко Галевски, „Форум“, Скопје, 2004 година).

Култура

Македонскиот стрип на фестивал во Ужице, Србија

Објавено пред

На покана на Градскиот културен центар на Ужице(соседна Србија) ,како еден од гостите на третото издание на стрип фестивалот „УЖИЧКИ СТРИП СУСРЕТИ“ беше поканет и Томе Трајков-програм координаторот на Македонскиот стрип центар со седиште од Велес. Оваа посета е финансиски поддржана од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија и е дел од Годишната програма за Меѓународна соработка за 2024 г.

dobivaj vesti na viber

„Престојот во Ужице го искористив да присутните, преку посебна панел дискусија но и неформална комуникација , ги запознам со актуелната стрип сцена во Македонија . Се разбира дека акцент се даде и на долгогодишната работа на Стрип центарот на Македонија и делување во интерес на македонските автори, стрип групации и воопшто целокупната наша стрип сцена. На крај организирав стрип изложба од домашни автори , учесници на последниот Интернационален стрип салон во Велес, како најзначајна стрип манифестација(фестивал ) во светот на 9та уметност во Македонија.

Беа изложени дела на македонски цртачи од понова генерација : Славица Купенкова, Ангела Петрушевска, Евгенија Трајковска, Матеа Аризановска, Вилма Дамњановска,Елена Апостоловска, Влера Чиче, Катерина Тери Николовска (сите од Скопје) ,потоа Методија Андоновски и Анастасија Недељковска од Куманово, Оливер Цветковски од Велес и на крај Теодора Христова и Михаела Васкоска од Битола. Како сценаристи на некои од делата беа застапени Ване Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип.

Од другите гости на овој фестивал, повеќето реномирани стрип артисти од регионот, се слушнаа доста комплименти за талентот на изложените стрип автори, и изразена подготвеност за развивање на идна меѓународна стрип соработка ..“-нагласи Трајков

Прикажи повеќе...

Култура

Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“

Објавено пред

Утревечер, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.

dobivaj vesti na viber

Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав.

Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.

Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор.

Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.

Прикажи повеќе...

Култура

Марко Бањоли во Чифте амам

Објавено пред

На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.

dobivaj vesti na viber

„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.

Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ2 часа

Во тешка сообраќајна несреќа загина 20-годишник од Прилепско

Вчера во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај село Новоселани, се случила...

Македонија2 часа

Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за...

Свет4 часа

Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека...

Свет4 часа

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат медиуми

Израел е подготвен да го ублажи барањето од Хамас и да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на...

Македонија5 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот

180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени...

Свет5 часа

Америка и испраќа на Украина скап пакет оружје, откриeно што може да има во него

Веќе во петок, САД би можеле да објават нов пакет оружје за помош на Украина во вредност од шест милијарди...

Регион5 часа

Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“

Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен...

Свет5 часа

Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства

Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и...

Македонија16 часа

Ковачевски: Ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин и за европската иднина на Македонија

„Вчера граѓаните нѝ пратија силна порака и ние таа порака ја слушнавме. Но, се лажат сите кои мислат дека ќе...

Македонија16 часа

Јакимовски до Муцунски: Прв излегов и го признав поразот, а тие во алкохолизирана состојба едвај го прочитаа тоа што го напишале

„Колегата Тимчо Муцунски се подбивал со мојот резултат на овие претседателски избори, притоа обидувајќи се малку да биде вицкаст. Иако...

Македонија17 часа

Мицкоски до СДСМ и Ковачевски: Нека не ве чуди што ве снајде вчера

Мириса на промени, бранот започна и нема запирање. Она што го говорев кога дојдов тука пред некоја недела, стана вистина....

Македонија19 часа

Позитивна оценка за првиот круг од претседателските избори, забелешки за острата и негативна реторика од страна на ОБСЕ/ОДИХР

Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР во...

Македонија22 часа

Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг

По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до...

Топ23 часа

Маж од Радовиш со месеци сексуално вознемирувал малолетно девојче

Радовишанец со месеци силувал малолетничка Вчера, во Полициската станица Радовиш било пријавено дека 45-годишен жител на Радовиш во периодот од...

Македонија1 ден

Таткото на Вања ќе оди во куќен притвор, Врховниот суд му ја уважи жалбата

Врховниот суд ја уважи жалбата на таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Со тоа укинат му е притворот и определени се...

Македонија1 ден

Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата

Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на...

Македонија1 ден

Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи

Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските...

Македонија1 ден

Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро

На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на...

Македонија1 ден

Пендаровски победи во три општини, а Таварари и Димитриевски само во општините во кои се градоначалници

Кандидатите за претседател Гордана Силјановска-Давкова и Бујар Османи освоија најмногу гласови на претседателските избори по број на општини. Според податоците...

Македонија1 ден

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, да излеземе уште помасовно на 8 мај

Огромната поддршка обврзува за промени и брзи резултати, да излеземе уште помасовно на 8-ми мај, а потоа следува економска трансформација...