Култура
Почесна „Златна рамка“ за Жаклина Крстевска, Петар Мирчевски, Петар Богоевски и постхумно за Томе Молдовски – Мољац

Почетокот на првото издание на филмската ревија посветена на македонскиот филм „Златна рамка” беше означено денеска со свеченото собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) кое донесе одлука да ги награди професионалците Жаклина Крстевска за најдобар филмски автор, Петар Мирчевски за најдобар филмски актер, Петар Богоевски за најдобар филмски работник, а постхумна почесна „Златна рамка“ доби Томе Молдовски – Мољац.
Наградата во име на Молдовски ја прими член на неговото семејство, а останатите награди ќе бидат врачени утревечер во Клуб-ресторанот во МКЦ.
Овие награди секоја година ќе се доделуваат за да се одаде почит на филмските професионалци кои имаат многу значајни и многубројни остварувања зад себе.
На собранието зборуваше претседателот на ова здружение, режисерот Игор Иванов-Изи, и директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.
„Она за што сум се борел и ќе се борам е филмот да остане надвор од политиката. Во ДФРМ гледаме партнер со кој заедно ќе создаваме критериуми за филмот да оди напред. Ќе работиме на квалитет, а не на квантитет. Оваа ревија е начин да се направи отчет на сработеното, да не ни се случи како во минатото да се даваат средства за филмови кои никој никогаш не ги видел. И натаму се бориме да ги вратиме накалемените долгови, а во моментов наследивме 90 незавршени филмови. Сепак, во сите овие проблеми во кој била втурната Агенцијата за филм, успеваме да создаваме силни критериуми за македонскиот филм да добие видливост и успех во светски рамки како што тоа ни се случи во изминативе месеци“, рече Тозија.
Иванов го соопшти и предлогот за прием на почесен член во ова друштво, филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре, кој е неуморен многугодишен поддржувач на македонскиот филм. Куновски беше едногласно избран од членовите на ДФРМ.
Работниот дел на Собранието продолжи зад затворени врати со претходно утврдена агенда.
Трите филмски денови на ревијата, почнувајќи од денес, се поделени во три дела: документарна програма од 17:00 часот, краткометражни филмови кои почнуваат во 19:00, додека, пак, долгометражните во 21:00 часот. Сите проекции се во кино „Фросина” и се бесплатни.
Во делот на работната програма на „Златна рамка“ в сабота со почеток во 11:30 е предвидено да се одржи презентација на МЕДИА деск Македонија со цел да можат филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, а в недела исто со почеток во 11:30, тркалезна маса на тема: „Нема кинематографија без филмска критика” предводена од страна на уметничкиот координатор на „Златна рамка“, новинар и истражувач на македонскиот филм – Ана Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Инвестиции за заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, најавија надлежните

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со стручниот тим од Заводот и Музеј – Струмица, денеска реализира работна посета на општините Дојран и Гевгелија, со цел увид во тековните и во планираните проекти од областа на културата и културното наследство.
Во Стар Дојран беше извршен увид во црквата „Св. Илија“, значаен објект од 19 век, со висока историска, архитектонска и духовна вредност. Министерството најавува продолжување на активностите за конзервација и реставрација на овој објект, кој претставува симбол на духовното и на културното наследство на регионот.
Особено внимание оваа година е посветено на капиталниот проект за изградба на музеј на вода преку реконструкција на праисториска наколна населба на Дојранското Езеро. Во тек се заштитни археолошки истражувања на локалитетот Мрдаја, а основниот проект за изградба на музејот се очекува да почне во 2026 година. Идејниот проект е изработен од Заводот и Музеј – Струмица.
Музејот, кој ќе биде поставен директно на површината на езерото, ќе функционира како жив музеј на отворено, со висока едукативна и туристичка вредност. Со ваквиот пристап Дојран добива можност да се позиционира како водечка дестинација за културен и археолошки туризам во поширокиот регион, најавија од Министерството.
Во рамките на посетата на Гевгелија беше извршен увид во реализацијата на проектот за целосна реконструкција на Старата чаршија, заштитено културно наследство од XIX век. Вредноста на инвестицијата изнесува над 40 милиони денари, а проектот опфаќа: реставрација на фасадите на старите дуќани, поплочување со гранит, поставување нова урбана опрема и осветление, целосна реконструкција на подземната инфраструктура.
Со завршувањето на проектот Чаршијата ќе ја задржи својата автентичност, а истовремено ќе се трансформира во современо културно-туристичко јадро, привлечно и за жителите и за посетителите.
Вечерва, во рамките на посетата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков ќе присуствува на фестивалот „Вкуси го југот“.
Како носител на титулата град на културата, Гевгелија се етаблира како центар на културни настани, фестивали и манифестации, кои значајно придонесуваат за развојот на локалната економија, туризмот и културниот живот во регионот.
Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”