Култура
По повод Денот на независноста: бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, во галериите и на локалитетите
По повод 8 Септември, Денот на независноста, со мотото „Гласник на слободата“, Министерството за култура се приклучува во централната прослава, организирана од Владата, со многубројни пригодни манифестации, изложба, концерти на млади уметници и на оперски арии, проекции на наградувани филмови од македонската понова продукција. Со насловот „Отворен ден за граѓаните“, ќе бидат отворени за посета, со бесплатен влез, повеќе културни установи, музеи и галерии и археолошки локалитети.
Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, Музејот на македонската борба за самостојност подготвува посебна мултимедијална програма со слободен влез за сите посетители. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот ќе бидат презентирани „Видеоприказни од музејската архива“, кои, меѓу другото, вклучуваат музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја, меѓу кои и: Оливера (Вера) Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; презентации на раритети од музејските збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; Спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Во оваа национална установа, на 8 септември во 12 часот, гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје (кој го сочинуваат младите музички уметници: Божана Гошева – прва виолина, Илија Јовчев – втора виолина, Никола Соколовски – кларинет, Александар Ицковски – виолончело) ќе одржи концерт на кој ќе бидат изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.
Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Националната опера и Балет се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, кој на 8 септември во 20 часот ќе се одржи пред платото на институцијата.
Оперските солисти од Националната опера и Балет: Билјана Баевска (сопран), Нико Ѓоргиевски (тенор), Виктор Битовски (тенор), Надежда Рубен (сопран), Билјана Камчева (сопран) и Марија Наумовска (сопран), со пијано-придружба на Елена Сиљаноска, ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од: Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин и Бернштајн.
Во Кинотеката на Република Северна Македонија, пак, ќе има проекција на две успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови што имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.
По повод Денот на независноста, во Кинотеката, во 18 часот, ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, во режија на Тамара Kотевска и Љубомир Стефанов.
Во документарниот филм за Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, настапуваат: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам. Филмот „Медена земја“ се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, меѓу кои и наградите за најдобар документарен филм, за кинематографери и наградата Impact and change на „Санденс филм фестивал 2019“; како и наградите за најдобар документарен филм на DocsBarcelona 2019, DocAviv Film Festival 2019 и Montclair Film Festival 2019. Исто така, филмот беше номиниран на 92. церемонија на „Оскарите“ во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.
Во 20 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм на режисерот и сценарист Ѓорче Ставрески. Филмот е во македонско-грчка копродукција и е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017 филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17. издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел. Во главните улоги настапуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски и Аксел Мехмет. Влезот и за двата филма е бесплатен.
Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, кај Школка во Градскиот парк во Скопје, во рамките на програмата од 11 до 14 часот, за својата верна публика ќе ја изведе претставата „Гига мегабајка“, во режија на Хана Миленковска, дело на Горјан Милошевски (по мотиви од Ш. Перо).
На 8 септември без надомест ќе бидат отворени археолошките локалитети „Стоби“, „Херaклеја“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, Меморијалниот центар АСНОМ – Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природонаучниот музеј, Музејот на современата уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.
Во државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, вратите ќе бидат отворени и во музеите и во заводите во: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, во Музејот на тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола и Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево.
Во овие национални установи посетителите ќе имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки, кои се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

