Култура
Прв фестивал на современата уметност истовремено во Македонија и во Германија
Во организација на онлајн списанието „Словокулт: литература“ и „Арт-еквилибрум“, од 24 до 30 август ќе се одржи меѓународен фестивал на современата уметност, текст и поезија, кој првпат ќе биде во двете земји, и тоа паралелно во Македонија и во Германија. Настанот вклучува групна изложба и поезија, кратка проза, текстуални фрагменти, читање и изведби на тема „Вистината во современата уметност и литература во време на лажни вести“.
Фестивалот ќе им оддаде чест на мртвите поети со читање избрани песни од Бошко Бозаџиевски во Гевгелија и во Берлин и од Игор Исаковски во Скопје и во Берлин.
На неколку локации во Гевгелија од 24 до 26 август ќе бидат изведени поетски мултимедијален перформанс, повеќејазичен книжевен настан и групна изложба.
Во Скопје во галеријата „Акантус“ ќе биде отворена изложба на 29 август во 18 часот, а во градината на галеријата од 20 часот ќе се одржи повеќејазичен книжевен настан и поетски мултимедијален перформанс.
Настаните во Берлин, каде што ќе гостуваат уметници и од Македонија и од други земји, ќе се одржуваат од 9 до 11 септември.
Во Македонија ќе биде претставен и најновиот број на „Словокулт“, кој ќе излезе од печат во август.
Главната уредничка на „Словокулт“, Елизабета Линднер-Костадиновска, поетеса, мултимедијална уметница, писателка, литературна преведувачка, првпат ќе ги прикаже своите мултимедијални перформанси во Македонија на македонски, кои досега се изведени само во Берлин на германски.

Во низата настани од Македонија ќе учествуваат поетите Д.А. Лори и Александар Кирковски, Исток Улчар и Марија Грубор.
Ќе бидат прочитани стихови и од Томас Антонич, поет, писател, публицист, доктор по книжевност и биограф на Волфганг Бауер, професор на Школата за поезија во Виена, музичар, перформер, од Илија Ѓуровиќ, поет, писател, драматург, уредник и коосновач на издавачката куќа „Жута корњача“ од Подгорица, Црна Гора, Краус Зиген, поет, есеист, прозаист, перформер, доцент по креативно пишување.
Од странство ќе учествуваат уметниците Силвија Лоренц, скулпторка, ликовна уметница, перформерката Јамес Дин (Александар Јестровиќ, Берлин/Белград), ликовен уметник, перформер, а од Македонија Дијана Томиќ-Радевска.
На изложбата ќе бидат застапени слики од берлинските уметници Катрин Салентин, Јамес Дин, Силвија Лоренц, Елизабета Линднер Костадиновска, Цетелман и од Македонија: Дијана Томиќ-Радевска, Ѓорѓе Јовановиќ, Касиопеја Наумоска, Владимир Лукаш, Дороти Пачкова, Кристијан Крстески, Моника Мотеска, Миро Масин и Тони Шулајковски.
Фестивалот ќе има и придружна програма во „Ла Кања“, која на 28 август ќе вклучува концерт на Лин, кантавторка од Њујорк-Париз, и на 30 август забава за затворање на фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

