Култура
Премиера на „Несоодветно за на работа“ на „Охридско лето“

Драмски театар од Скопје вечерва на „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од современата британска драмска авторка Луси Кирквуд, а во режија на холивудскиот режисер и актер Доналд Ворен Мофет.
Драматург на претставата е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски,а асистент на сцеографот е Зоран Петровски. Костимографијата ја изработи Александар Ношпал, кореограф е Кренаре Невзати,а преводот од англиски јазик го направи Благоја Бошковски.
Низ серија екстремно луцидни, и за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајот, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело.
Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на парите односно моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.
Како што истакна на денешната прес-конференција режисерот Доналд Ворен Мофет, Драмскиот театар од Скопје е извонреден театарски ансамбл којшто се карактеризира со длабока посветеност и извонреден талент во работењето.
„Ми претставува огромно задоволство што сум овде, во прекрасниот Охрид. Знам дека овде се родила кириличната азбука. Среќен сум што работам во Македонија, што ја започнав Викторија Рангелова Петровска. Првпат работам претстава во која имам улога на режисер на странски јазик и мислам дека сработивме одлична работа со екипата на Драмски театар Скопје. Би сакал да се вратам повторно овде и да работам со Драмскиот театар кој според мене е неоткриен скапоцен камен. Актерите покажуваат длабока посветеност и извонрееден талент во работата што ја работат“, рече Мофет на прес-конференцијата.
Во „Несоодветно за на работа“ што ќе се одржи вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, улогите ги играат Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вијусиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Мајка“ на Теона Стругар Митевска – распродаден за европска дистрибуција пред премиерата во Венеција

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецијански филмски фестивал, веќе е распродаден за кино дистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.
Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера.
„Овој извонреден интерес за ‘Мајка’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година,“ – велат од француската агенција Kinology, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.
„Филмот ‘Мајка’ е извонредно уметничко дело. Гордост ни е што овој филм, зад кој стои визијата на Теона Стругар Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали, Венецијанскиот, е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. ‘Мајка’ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела кои говорат на универзален јазик. Министерството за култура и туризам ќе продолжи решително да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома, туку ѝ обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени ширум светот“, изјави денеска на прес – конференција министерот за култура и туризам, Зоран Љутков
Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година, во Венеција, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска.
Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.
„Мајка“ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција, вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување.
За македонската публика, „Мајка“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.
Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
Култура
Сиљановска-Давкова на манифестацијата „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Тетово присуствуваше на македонската вечер во рамките на годинашната културно-уметничка и спортска манифестација „Тетово прославува – Тетовско културно лето 2025“.
Во центарот на Тетово свој настап имаа културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од тетовско Теарце, рок групата The Nameless Trio, поп музичарот Влатко Лозаноски – Лозано, со својот бенд, како и тетовскиот рапер Никола Трпески S.A.M.
Сиљановска-Давкова го поздрави четвртото издание на оваа културно-уметничка и спортска манифестација и укажа дека таа ја уважува мултикултурноста и цели кон културен и спортски натпревар.
Најпрво, во просториите на општината, таа оствари неформална средба со градоначалникот Билал Касами, на чија покана присуствуваше на манифестацијата. Обајцата веруваат во уникатниот туристички потенцијал на тетовскиот регион, во можностите за брз локален развој, како и во неговото позитивно влијание врз националниот.
Касами истакна дека е почестен од присуството на претседателката, изразувајќи задоволство од споделувањето убави моменти со сите тетовчани, без оглед на етничката и верска припадност, возраст и статус.
Според претседателката, идејата на организаторот да се одржуваат македонска, албанска, турска и ромска културна вечер е за поздравување, како неспорен израз на меѓусебно почитување и разбирање.
За неа, музиката и танцот ја стимулираат социјалната кохезија и поттикнуваат мирен и богат соживот.
Култура
Празник на музичката уметност со италијанските уметници на Охридско лето

Концерт за паметење што разбуди длабоки емоции, возвишена креативност и перфекција во изразот приредија познатиот италијански виолинист Давиде Алоња и уметниците од Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња настапувајќи на тринаесеттата фестивалска вечер на „Охридско лето“.
Италијанската вечер поддржана од Амбасадата на Италија во земјава беше во знакот на италијанските композитори. Магичната ноќ започна со беспрекорна изведба на дела од Антонио Вивалди, а продолжи со композиции од Оторино Респиги, Џакомо Пучини, Џоакино Росини, Пјетро Маскањи и Антонио Базини кои беа отсвирени со сензибилитет што ги разбранува чувствата кај публиката.
Давиде Алоња е еден од најпосветените музичари на италијанската музика од 20 век, проучувајќи, изведувајќи или снимајќи дела кои ѝ се делумно непознати на музичката јавност. Свири на инструмент изработен од Антонио Страдивари во Кремона во 1690 година, кој му е позајмен од Флоријан Леонхард, како и на виолина изработена од Анселмо Готи во 1930 година.
-Почестени сме што сме тука. Од многу одамна сум слушнал за фестивалот „Охридско лето“ и мислам дека е еден од најважните фестивали во Европа и пошироко. Настапивме со целосно италијанска програма. Секако отсвиривме дела од Вивалди кој е во нашето срце. Ќе кажам некои мали работи за него и неговите дела кои иако се познати, имаат мали непознати факти како тоа дека имало сонет за оваа музика. Музиката била напишана пред 400 години, но има нешто многу футуристичко во него. Публиката ги слуша овие композиции стотици пати ама овојпат ги доживеа од друг аспект. Респиги е најпознатиот композитор на 21-от век и ни е чест што го имавме на репертоарот вечерва, во оваа преубава црква во која кога влеговме останавме вчудоневидени бидејќи имавме чувство како да сме во Ватикан. Акустиката е феноменална, рече харизматичниот виолинист Алоња.
Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња е основан во 2008 година од дел од музичарите на оперскиот оркестар. Нивната мисија е да ја промовираат класичната музика во Болоња, притоа гарантирајќи неприкосновен уметнички квалитет. Филхармонискиот оркестар на театарот во Болоња и истиот ваков оркестар кој дејствува во рамките на Миланската „Скала“, се единствени два ансамбли во Италија од овој вид.
Љубителите на класичната музика покажаа огромен интерес за концертот на италијанските уметници за кој се бараше карта повеќе, а во редовите на публиката беше и амбасадорот на Италија во Р.С. Македонија, Паоло Палминтери.