Култура
Премиера на претставата „Домот на Бернарда Алба“ во режија на Андреј Цветановски
На 13.9.2022 во 20 часот во Лесковац се одржа премиерата на новата претстава „Домот на Бернарда Алба“ во продукција на Народно позориште Лесковац.
Текстот е на шпанскиот автор Лорка, а режијата на претставата е на македонскиот режисер Андреј Цветановски. Оваа премиера е прва за оваа сезона и претставува дело кое ги оправдува високите очекувања на лесковачката публика.
Сценографијата ја потпишува Сергеј Светозарев, а музиката Димитар Андоновски, постојани соработници на режисерот Цветановски, додека автор на костимите е Ивана Ристиќ. Автор на сценското движење е Миодраг Крчмарик, а дизајнот на светло е Радомир Стаменковиќ.
Во раскошната и комплексна претстава „Домот на Бернарда Алба“ гледачот имаше можност да се впушти во светот на темниот вилает на зачмаената фамилија составена исклучиво од женски ликови. Актерките Сузана Грујиќ, Маја Јанковиќ, Тања Крчмарик, Наташа Пејиќ, Мина Цоциќ, Петра Димитријевиќ и Радмила Коцевска тотално посветено и исклучително успешно не вовлекоа во приказната за мајката тиранин и петте ќерки затворени под нејзина команда.
Режисерот изјави дека Лорка е еден од авторите чија поетика и лирика прави неговите текстови да се подложни за нови прочити и низ тоа секоја негова драма станува основа за модерен театар. „Домот на Бернарда Алба“ е текст кој нуди толку многу можности во својата тема, што претставува празник за секој режисер, ама и голема одговорност. Низ работата на оваа претстава можевме да го гледаме создавањето на еден женски свет што страда за своите пропуштени шанси, ги сонува своите соништа и живее со својата фрустрација од тој патријархален свет, а во исто време претставува негов најголем чувар. Приказна за затворот на сите желби, страсти, амбиции и сништа, како и револуција кој постепено ги симнува оковите и се бори да ослободи се она што не прави индивидуи во ова неправедно време.
Режисерот Цветановски вторпат оваа година работи во Србија, после премиерата на Идиот од Достоевски во продукција на Новосадско позориште која се случи во јануари оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.