Култура
Најновиот филм на Бандерас и Пенелопе Круз утре на Скопје филм фестивал
Програмата на 25. јубилејно издание на Скопје филм фестивал утре (петок, 16 септември) продолжува со филмовите „Официјална конкуренција“ и „Соколово Езеро“. Проекциите се одржуваат во Кинотека на С Македонија со почеток од 20 и 22 часот. Двата филма се дел од Програмата на светски филм.
„Официјална конкуренција“ е шпанско-аргентинска продукција од 2021 година, станува збор за сатиричната комедија на аргентинските режисери Гастон Дупрат и Мариано Кон и е приказ на креирање филм, брилијантно одигран од Антонио Бандерас и Пенелопе Круз, две икони на шпанскиот филм. Филмот нуди интелигентен увид во суетите и илузиите на филмскиот бизнис. Бизнисмен милијардер, кој е во потрага по слава и општествен престиж, решава да сними уникатен, невиден филм дотогаш. За таа цел ги ангажира најдобрите: ѕвездена екипа составена од многу познат режисер и двајца популарни актери кои не само што се исклучително талентирани, туку имаат и огромно его. И двајцата се легенди, но не се најдобри пријатели. Сочинуваат брилијантен тим што не може да работи заедно. Режисерите Дупрат и Кон прават безмилосна сатира користејќи ги овие ликови, нивниот однос и ситуациите во коишто се наоѓаат за да потенцираат колку е комична филмската индустрија и притоа сурово ја исмеваат.
„Соколово езеро“ (2022) е дебитантскиот долгометражен филм на Шарлот ле Бон е чувствителна, прекрасно снимена и одиграна приказна за созревањето. Филмот е впечатливо дело што постојано ги поткопува и превртува очекувањата од овој жанр на филм, со траги на натприродно, а сепак вешто ја контролира границата меѓу слаткото и страшното. Мешајќи злокобност и веселост, меланхолија и магија, и волшебната хемија меѓу двајцата млади глумци, филмот „Соколово Езеро“ останува долго во мислите.
Освен филмовите, публиката на Скопје филм фестивал во галеријата на Кинотеката има можност да погледне изложбата на плакати од изминативе 25 години на фестивалот, чиишто автори беа истакнати македонски уметници како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999), и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сашко Коцев ја доби наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност
Советот на фестивалот Денови на комедија Куманово во состав Сашо Тодоровски, Александра Михајловска Величковски, Владанка Крстевски, Крсто Богојевски, Сефедин Шабани и Цоки Ристовски одлучија наградата „Васил Иљоски“ која се доделува за особен придонес во театарската уметност, посебно во делот на комедиографијата да му припадне на актерот Сашко Коцев.
Култура
Биста на Томас Транстромер во седиштето на Струшките вечери на поезијата
Во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, во седиштето на Струшките вечери на поезијата, вчера била откриена биста на Томас Транстромер, добитникот на Златниот венец во 2003 година.
Националната установа Струшки вечери на поезијата денеска информира дека автор на делото е академскиот вајар Сокол Цфарку, а е донација од македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.
Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер, според директорот на СВП, Тодорче Тасевски, е мостот што ги зближува двете култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот.
„Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Томас Транстромер“, истакнал Тасевески.
На настанот, како што е наведено, биле прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а меѓу присутните биле гости од Шведска, под водство на Антонијо Трпeвски и покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп. Присуствувал и Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски.
Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.
Култура
Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“
Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска, во салата „Балдини“ во Рим, вчеравечер, се одржа културната програма во рамки на традиционалната манифестација „Ден на Светите Кирил и Методиј“.
На концертот на нашите уметници на кој присуствуваа и членовите на државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беа исполнети македонски изворни песни, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.
Пред концертот, присутните во салата ги поздрави заменик-министерот за култура Онур Али кој говореше за духовната врска меѓу Ватикан и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато наследство за човештвото.
-За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, рече заменик-министерот Али.
Тој додаде дека во духот на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, Северна Македонија, преку културата и уметноста, културно наследство кое го поседува, политиките кои ги води за толеранција, дијалог за различностите, развој на интеркултурализмот, создавање услови за европеизација на културниот контекст, подготвено се соочува со предизвиците на новото време и забрзано се доближува до модерна Европа.
По повод чествувањето на сесловенските просветители денеска ќе се одржи молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, а програмата на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“ ќе биде заокружена со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика „Санта Марија Маџоре“.