Култура
Проекција на украинскиот филм „Кога дрвјата паѓаат“
Украинскиот филм „Кога дрвјата паѓаат“ од Марисја Никитук ќе биде прикажан во Europe House Скопје в сабота во 17 часот. Проекцијата е во рамките на програмата „Џифони филмски денови“, што ја организира фестивалот „Џифони Македонија“. Филмот е наменет за деца над 16 години, а по проекцијата ќе следува и дискусија на тема „Перспективите на младите во период на транзиција“, а Украина е земена како актуелен пример. Целиот настан ќе се одвива на англиски јазик.
„Кога дрвјата паѓаат“ е дебитантски филм на Марисја Никитук, кој имаше премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин во 2018 година. Филмот е копродукција меѓу Украина, Полска и Македонија.
На осмата сесија на „Џифони филмски денови“ во редовниот термин од 10 часот, во Кинотеката ќе бидат прикажани три кратки филма за публика над 10 години. Ќе гостуваат и претставници од екипите на филмовите. Станува збор за наградуваните: „Змија“ на Андреј Илиевски Волкашин, „Јас не сум Игор“ на Сергеј Ѓеоргиев и „Перики“ на Ангела Димеска, која беше учесничка на „Џифони Италија“ во 2015 година. Филмот „Змија“ има учествувано на 30-ина фестивали, а освои три награди на фестивал во Грција. „Јас не сум Игор“ зборува за спортското навивање и кога тоа се претвора во националистичко скандирање и борба.
„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. По секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.
Култура
Комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ на 13 декември на сцената на Националната опера и балет
На 13 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини – опера која со својата духовитост, динамика и незаборавни арии со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Урсула Хорнер (Австрија), сценографијата на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Ѓурѓица Дашиќ.

Во солистичката екипа ќе настапат: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанoш Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, чембало: Анастасија Грговска заедно со хорот и оркестарот на МОБ.

„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини – автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија на сцената. Блеска со брзи дијалози, духовитост и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија „Largo al factotum“, со која Фигаро повеќе од два века го освојува светот. Делото ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти, тајни планови и духовити недоразбирања, претставени во препознатливиот Росиниев стил – брз, жив и раскошен.

