Култура
Промоција на монографија „АКТ – Театарот низ фотографии”

На 8 април со почеток во 19:00 часот на големата сцена, а во рамките на 77-годишнина од постоењето на РСМ НУ Македонски народен театар, ќе се случи промоција на монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии” од Кире Галевски.
Станува збор за театарски фотографии на дел од претставите изведувани на сцената на МНТ од 1993 година до денес.
Проектот на театарскиот фотограф Кире Галевски е во соработка со издавачот на монографијата – Македонски народен театар, а во монографијата како автори на есеите се потпишуваат: Искра Гешоска, Дејан Дуковски, Sвездан Георгиевски, Нина Николиќ, Ѓорѓи Јолевски, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивана Јарчевска.
Ликовното и графичкото уредување е на Зоран Кардула, а уредник е Билјана Црвенковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Врачени највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.
На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.
Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.
Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.
Култура
Триумф на „Диџеј Ахмет“ во Сараево, филмот Унковски освои три големи награди

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се закити со три награди на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантското долгометражно остварување освои „Перспективи на младите“, наградата на порталот „Cineuropa“, како и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.
Жирито посочи дека специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува за ведра и хумористична, но и трогателна приказна, која преку шарената кинематографија и изведбите на младите актери носи силна порака.
„Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот“, стои во образложението.
Филмот освои и награда од „Cineuropa“, вредна 5.000 евра, која се доделува на филмови со уметнички квалитети што промовираат европски дијалог и интеграција.
Покрај тоа, македонската продукција ќе го има честа да го затвори 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (20–26 септември), што ќе биде и официјалната македонска премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот Санденс во Јута, каде што доби две признанија – наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.
Филмот е сниман во октомври и ноември минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед, а во останатите – Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага и Метин Ибрахим.
Станува збор за копродукција меѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, компании од Чешка и Србија, со продуценти Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм во 2020 година и 160.000 евра од европскиот филмски фонд Еуримаж.
View this post on Instagram