Култура
(Видео) „Ако одам во Битола“ неформална химна на градот Битола во ново руво
„Ако одам во Битола“ најпознатата битолска песна во поновата музичка историја, авторско дело на легендарниот Петар Георгиев – Калица, за многумина е неформална химна на Битола.
Песната била првпат изведена во 1989 година од Октетот Македонија на фестивалот Валандово ‘89. Песната деновиве доживеа ново издание со музички спот кој викендов имаа промоција во Битола.
– Да се направи нова верзија на оваа исклучителна песна, песна над песните за многумина е веројатно тешка задача. Но ова што го направи овој тим е доказ дека кога ќе се соберат вистински професионалци може. – истакна Благојче Трајковски кој е иницијатор за новиот препев на познатата песна. Тој е воедно и потписник на целата обработка и аранжман.
Во солистичка изведба на Димитар Андоновски, придружен од група „Фонтана“ и Камерниот гудачки оркестар, во саботата музичкиот видео спот имаше премиера во Центарот за култура во Битола.
– Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде, не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред Вас тоа го правеле други. Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола. Мислам дека тоа е повеќе од видливо, а вие како публика тоа најдобро ќе го процените. – изјави Димитар Андоновски.
Според кажувањето на самиот Калица, иако со години се подготвувал да ја напише оваа песна, ја создал само за пет минути. Првпат била испеана на „Фолк-фест Валандово“, во изведба на октетот „Македонија“ и ја добила третата награда од жирито, но таа награда станала далеку поголема со славата која песната по тој фестивал ја доживува. Композиторот беше присутен во публиката и доби долг аплауз со овации при неговото појавување на сцената.
– Ова е емотивен момент за мене. Доказ дека една песна, ако е добра може да продолжи да живее. Кога ми се јавија овие личности, бев почестен. Ги знам нивните професионални квалитети. Со задоволство дозволив да се преработи песната. Ова што го гледам како резултат е прекрасно. Им благодарам. – изјави композиторот Калица.
Како специјален гостин во овој музички проект се јавува познатата солистка на харфа Сара Костадиновска – Сара Мејс.
Обработката и аранжманот се на Благојче Трајковски, снимена е во студио “Подрумот“, а видео продукцијата е дело на ВЕСТА ПРОДУКЦИЈА. Промоцијата ја водеше Љубица Ангелкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.