Култура
Саемот на книгата почнува на 3 мај
34. издание на Саемот на книгата се враќа во редовниот пролетен термин на одржување, од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура на Република Северна Македонија, информираат организаторите.
Додаваат дека за време на саемските денови сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година, ќе се реализираат средби со автори, но и многу промоции и попусти.
Покрај враќањето на Саемот на книгата во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците од средните и основните училишта на државата. Како една од најзначајните манифестации од областа на културата, Саемот нуди богата програма за деца и млади, со која најмладите посетители ќе може да уживаат во светот на книгите. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.
По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, на Саемот на книга 2022 ќе се одржи промотивен настан со наслов „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!“, со почеток во 19 часот во промотивниот центар во арената „Борис Трајковски“. Настанот е во организација на „Арс ламина“ од Скопје.
На промотивниот настан ќе се даде осврт на најзначајните творци на македонската книжевност: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев итн.
Во седумте саемски дена ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори.
Ќе бидат доделени и наградите на МАИ (Македонската асоцијација на издавачите).
На 34. издание на Саемот на книгата 2022 ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи од Македонија, како и од Турција, Србија, Косово, Албанија.
Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.
Електронските билети за Саемот може да се купат преку веб-страницата www.karti.com.mk, кои се достапни веќе од (вторник) 26 април, а за време на Саемот билети ќе може да се купат и на билетарницата на арена „Борис Трајковски“.
Најголемиот настан за читателите во земјата – Саемот на книгата, оваа година ќе се одржи од 3 до 9 мај во арената „Борис Трајковски“, со работно време секој ден од 10 часот до 20 часот.
Цената на редовната влезница изнесува 50 денари, а за организирани групни посети на ученици изнесува 40 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.