Култура
Со полна пареа течат подготовките за 39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“
Од 22 до 29 септември во Битола ќе се одржи 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Подготовките за фестивалот, како што соопштуваат организаторите, течат со полна пареа и веќе влегуваат во својата завршница.
И на овој фестивал публиката може да очекува исклучително квалитетна филмска програма и големи имиња на светската кинематографија, кои ќе бидат гости во Битола, додаваат оттаму.
Годинава зголемен е бројот на програми во вкупен број од 14 и проширен е кругот на селектори што ги обликуваат програмите – со Гена Теодосиевска, годинава во изборот на документарната програма соработуваше и Марија Џиџева, режисерите Даријан Пејовски и Марија Апчевска се селектори на кратките филмови кои се натпреваруваат за „Малата златна камера 300“, како и филмскиот критичар Слаѓан Пенев, кој ги селектира филмовите во програмата „Перспективи на европскиот филм“.
Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, додаваат организаторите. Оваа програма вклучува филмови од светската филмска антологија за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано.
Селектор на програмата е италијанскиот режисер кој живее во Битола, Микеле де Анџелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.
„Во главната програма, пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ги фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски – Доре. Оваа година особен акцент и фокус ќе биде ставен и на студентската програма што ја промовиравме последниве две години. Студентите веќе не служат само како декор на фестивалот, тие се активни учесници и имаат свое место во фестивалската програма. Годинава ќе имаме студенти од 15 филмски академии, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори кои со нив ќе ги споделат своите искуства. Оваа програма, на која инсистирав по моето назначување за уметнички директор пред две години, ја координира и ја развива Ѓорѓи Пулевски“, вели Гена Теодосиевска, директорка на Фестивалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Мице Јанкуловски со самостојна изложба во Риека
Во Музејот на град Ријека – Коцкица во тек е самостојната изложба на слики и видеа од Мице Јанкуловски „Коегзистенција – црно и црно“ (23.10. – 3.11.2025).
Освен директорот на Музејот на град Ријак, Младен Урем, на отворањето присуствуваа и зедоа збор Ермина Дурај (раководител на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ), Корнелија Конеска, куратор на изложбата, а изложбата ја отвори градоначалничката на град Ријека, Ива Ринчиќ.

Директорот на Музејот, Младен Урем, истакна дека оваа изложба е „уникатно културно искуство за жителите на Риека“, бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува Македонската уметност „на глобално релевантен начин“.
Кураторот Корнелија Конеска го објасни концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип, истакнувајќи: „Црната е боја на драмата – драмата на животот“!, а градоначалничката на град Ријека се обрати до зборовите:
„Му благодарам на авторот што не тера на размислување, ни отвора нови хоризонти, кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така…“

Посебно значење и шарм на настанот му даде настапот на Друштвото на Македонците во Ријека „Илинден“ кои истовремено ја започнаа традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Ријека 2025.
Култура
Убедлив театарски успех – МНТ со „Народен пратеник“ ја освои главната награда на фестивалот „Борини позоришни дани“ во Србија
Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, беше прогласена претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка, Трајче Кацаров, драматург, и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакнаа дека претставата „Се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејствието“.

„Ова признание е потврда за континуираната посветеност и креативност на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање, не е само успех на претставата, туку и на целата институција, која постојано вложува во уметнички вредности, професионализам и меѓународна соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила.“, изјави по овој повод, директорот на МНТ, Никола Кимовски.
Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.

Ова сценско остварување, на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин – еден од водечките театарски режисери на Балканот – беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври.
Во претставата со брилијатна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.


Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“.
Веќе четири и пол децении, овој фестивал претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различни естетики и културни вредности.
Со учеството и победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Култура
Објавен романот за млади „Ванда“ на хрватската писателка Силвија Шесто
„Македоника литера“ неодамна го објави романот за млади „Ванда“ на хрватската писателка Силвија Шесто, која е меѓу најчитаните писатели во Хрватска. Преводот од хрватски јазик е на Славчо Пеев.
„Ванда“ е симпатичен и лесно читлив роман, наменет за деца и млади. Заплетот се врти околу едно градско семејство и нивните секојдневни, тривијални проблеми. Во центарот на ова семејство е девојката по име Ванда, која, влегувајќи во пубертет, почнува да го запознава реалниот живот.
На преминот од детска во младешка возраст, Ванда ја открива љубовта, ги доживува своите први разочарувања и сите други проблеми поврзани со заљубувањето. Тоа води до низа компликации, мали недоразбирања и, на крајот, до научена лекција. Ванда ја мачат многу пубертетски проблеми со кои не знае секогаш соодветно да се соочи. Растргната меѓу растењето и половото созревање, од една страна, и детинестата потреба за внимание и грижа, од друга страна, запаѓа во генерациски несогласувања, во несреќна заљубеност и се соочува со сознанието дека светот е многу поразличен од тоа како што го замислувала.
Книгата ги следи личните размисли на сите членови на семејството, освен на најмладиот – помладиот брат на Ванда. Главните ликови се претставени преку нивните лични записи (искази), напишани во форма на дневник, односно – секој лик раскажува дел од приказната од свое гледиште. Овие искази се кратки поглавја напишани во прво лице, преку кои читателот има можност да ја погледне истата ситуација од различни перспективи. Тоа се субјективни искуства на секој учесник во приказната. Преку реакциите на учесниците на настанот, се запознава нивниот лик.
Покрај семејството, читателот ги запознава и пријателите на Ванда, но еден од најважните ликови е домаќинката. Таа е помошничка на семејството во секоја смисла на зборот. Чистењето и готвењето не се нејзини најголеми доблести. Нејзината вистинска улога е да биде емоционална поддршка за членовите на семејството. Таа е доверлива личност, чуварка на тајни, решавач на проблеми, а понекогаш и рамо за плачење. Таа учествува подеднакво во воспитувањето на децата, како и во превоспитувањето на родителите. Како добар дух на семејството, таа помага повеќе со своето присуство и љубезност отколку со чистењето и готвењето. Авантурите на ова до некаде хаотично но симпатично семејство, чии проблеми најчесто ги заплеткува своеглавата, палавата и досетлива Ванда, се лесна забава за сите деца кои штотуку влегуваат во адолесценцијата. Иако зрелоста изгледа многу поинтересна од детството, Ванда сфаќа дека и таа носи свои проблеми. Овие проблеми се дополнително комплицирани од силни чувства, како што се љубовта, болката и желбата за одмазда.
Силвија Шесто (1962, Загреб, Хрватска) е афирмирана хрватска писателка за деца и млади. Дипломирала филозофија и литература и завршила Виша тренерска школа. Објавува проза, поезија и драми. Автор на близу 60 книги за деца и млади и на петнаесетина за возрасни, од кои десет романи. Таа има и богат драмски опус. Изведени се петнаесет радиодрами и неколку драми на театарските сцени.
Нејзините најпознати дела се романите за деца и млади. За деца и млади го објавила романите „Ванда“, „Дебела“, „Кој ја уби Паштетка“, Зезомјанци“, „Па тоа е љубов“, „Леон Наполеон“, како и збирката раскази „Розева сонувачка“, серијалот „Бум Томица“ и др.
Пет нејзини книги за деца и млади, меѓу кои и романот „Ванда“, се задолжителна лектира во основно образование во Хрватска. Таа е меѓу најнаградуваните хрватски писатели.

