Култура
Струшките вечери на поезијата ќе се одржат и во услови на пандемија
Струшките вечери на поезијата како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали ќе се одржи и оваа година во вообичаениот термин – на крајот на август – и во услови на пандемија. Во фазата на подготовките на фестивалот беа разработени неколку можни сценарија за одржување на СВП во зависност од развојот на ситуацијата предизвикана од Ковид-19.
Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, поради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и поради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.
Специјално видеообраќање, како и видеочитање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното јубилејно 60. издание на СВП во 2021 година кога и ќе му биде врачен „Златниот венец“, заедно со лауреатот за 2021 година. Програмата на фестивалот ќе се одвива во редуцирана форма во периодот од 28 до 30 август, но ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, која ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем-поети од земјата и странство.
Креативниот тим на СВП го подготви дизајнот на годинешното издание, кој ќе биде претставен на социјалните платформи на СВП заедно со најавите на учесниците.
Со целосно почитување на протоколите за организација на настани во услови нa пандемија, СВП подготви предлог-протокол за одвивање на фестивалот, што беше одобрен од страна на Комисијата за заразни болести.
Заради намалување на ризикот од ширење на вирусот, како и заштита на здравјето на учесниците и на публиката, која во вообичаени околности е присутна во мошне голем број на главните настани на отворањето и на затворањето на фестивалот, оваа година има измена на локацијата на одржување на фестивалот во согласност со протоколите за организација на настани во услови на пандемија. Најсоодветна алтернатива за организација на програмата е покриената тераса на хотелот „Дрим“, на која и вообичаено се одвиваат дел од програмските активности во редовните изданија на СВП.
Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, но програмата на фестивалот, почнувајќи од минатогодишното издание, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширок аудиториум.
Престојот на учесниците е регулиран во согласност со протоколите за работа на хотелот во услови на пандемија.
Ќе има обезбеден организиран превоз за учесниците на релација Скопје – Струга – Скопје, а избраниот економски оператор е должен да ги спроведува протоколите за превоз на патници во услови на пандемија.
Во услови кога многу од светски познатите поетски фестивали беа откажани или одложени поради пандемијата на Ковид-19, Струшките вечери на поезијата ќе го зачува континуитетот на одржување на фестивалот, кој, почнувајќи од 1961 година, ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со омаж ќе биде одбележана 20 годишнината од смртта на писателот Зоран Ковачевски
НУ Библиотека „Григор Прличев“ заедно со општина Охрид утре – среда со омаж посветен на роднокрајниот автор Зоран Ковачевски ќе ја одбележат дваесет годишнината од неговата смрт.
Зоран Ковечевски е македонски раскажувач и романсиер, припадник на генерацијата писатели кои творат во духот на критичкиот реализам.
Роден е во Светозарево – Србија, на 15 април 1943 а починал на 21 јануари 2006 во Охрид. Ковачевски ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година. Автор е на книгите: Охридски приказни (раскази, 1974), Семејна фреска (роман, 1976). Летачи на метли (роман, 1980), Аристотел од Ресен (раскази, 1984), Добрина (раскази, 1990), Одмазда (роман, 1992), Историја на светото дело (роман, 1993), Пејач (раскази, 2000), „Кога ни петлите не пеат“,( раскази 2002). Добитник е на наградата „Мисла“ (за роман).
За творештвото на Ковачевски во рамките на настанот ќе зборува поетот Славе Ѓорѓо Димоски а ќе бидат прочитани и извадоци од рецензии за дел од творештвото на Ковачевски напишани од познатите македонски критичари Димитар Пандев, Милан Ѓурчинов и Тодор Чаловски.
Омажот за Ковачевски ќе се одржи утре во 10 часот во НУ Библиотека во Охрид.
Култура
Македонскиот филм „17“ на Берлинскиот филмски фестивал
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски е селектиран во програмата „Перспективи“ на овогодинешниот 76-ти Берлински Филмски Фестивал.
Ова беше денес соопштено во Берлин, со што филмот на режисерката Митиќ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“, во која се селектираат и натпреваруваат најдобрите дебитантски филмови, на светско ниво.
Во Берлинале Перспективи, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал
Култура
Изложба на фотографии и проекција на документарен филм „Старата скопска чаршија: визии за иднината”
Францускиот институт во Скопје со најава за изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзаланата сала.
Проектот имаше за цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство, нагласува организаторот.
Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници – по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура – во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Свеченото отворање ќе се одржи во четврток, 22 јануари 2026 година, во 19:00 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан.
Настанот ќе го отворат: Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција и Петра Дрекслер, Амбасадорка на Германија.
По повод одбележувањето на Елисејскиот договор, Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија – амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.
Во рамките на настанот, свечено ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот.

