Култура
Традиционален поетски конкурс „Маџирмаалски поетски бранувања“
Извршниот одбор на „Маџирмаалски средби“ и Ккомисијата за реализација на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“ распишуваат конкурс за избор на најдобра потска творба во рамките на „Маџирмаалски поетски бранувања“ за 2020 година.
Критериуми за учество:
– право на учество на конкурсот имаат сите граѓани на нашата држава;
– секој автор може да учествува најмногу со две свои необјавени поетски творби напишани на македонски јазик, од кои само една може да биде наградена;
– членовите на комисијата за реализација на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“ немаат право на учество на конкурсот за време на мандатот;
– песните што ќе бидат испратени на конкурсот треба тематски да кореспондираат со заложбите за афирмација на урбаниот живот, на навиките и на традициите и во нив да е присутен мотив поврзан со Маџир Маало;
– поетските творби треба да се во духот на соживотот и на верската и националната толеранција. Доколку некој од учесниците пријави поетска творба со која се предизвикува верска или национална омраза, комисијата што ќе ги разгледува, анализира и рангира песните има право да не дозволи учество на пријавениот учесник и неговата поетска творба;
– учесниците на конкурсот треба да ги достават поетските творби анонимно, под шифра, заедно со друг коверт на кој од надворешната страна треба да ја напишат шифрата, а внатре во ковертот на посебен лист да ги наведат името и презимето, насловот на песната и податоците за контакт (адреса и телефон);
– поетските творби може да се испраќаат до 23 декември 2020 година по пошта на следнава адреса:
„Маџирмаалски средби“
(за конкурсот на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“)
ул. „Маџирмаало“ бр. 28
1000 Скопје
– авторите се обврзуваат песните што ќе ги испратат на конкурсот да му ги отстапат на организаторот за објавување во публикација на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“.
Комисијата од сите пристигнати поетски творби ќе избере една која ќе биде прогласена за најдобра поетска творба на Мманифестацијата и на авторот ќе му биде доделена главната награда на „Маџирмаалски поетски бранувања“ за 2020 година во висина од 500 евра во денарска противредност.
Покрај првонаградената поетска творба, ќе бидат селектирани уште две поетски творби за кои на авторите ќе им бидат доделени пригодни награди.
Завршниот настан ќе се одржи во согласност со протоколите и безбедносните мерки предвидени во постојната епидемиолошка ситуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.
Култура
Настап на Дуња Иванова и концерт посветен на Кире Костов во изведба на Биг бендот на фестивалот „Крај Вардарот џез“
Во рамки на втората фестивалска вечер на „Крај Вардарот Џез“, утревечер на 23 април во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот на пијано ќе настапи Дуња Иванова.
Нејзиниот концертен настап „Мирисот на липите“ ќе биде проследен со текст и нарација на Тина Иванова. Музичко-поетски проект, кој раскажува приказна за познатите урбани и скриени места на Општина Центар. Липите на улицата „Орце Николов“, панкот од гаражите на „Плочник“, дружбите во дворот на „Песталоци“, графитите на Кеј, паркот на Горан Стефановски, кафеаната „Наџак“…
Ќе бидат изведени композицијата „Свита за Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска, и песната „Ние сме од Скопје“ на Мирко Попов, чиј аранжман за пијано го направи Пандевска. Получасовно патување низ симболите на Скопје, погледнати низ интимна, лична перспектива на авторите. Во музиката, како и во нарацијата, провејува нишка на носталгија, а во исто време и крик за подобро утре на градот во кој пораснавме и без чиј воздух не можеме да живееме. „Мирисот на липите“ симболично ќе прикаже, преку звук и говор, еден живот на жител од Центар. Поетскиот наратив е оригинално креиран за овој уметнички перформанс, кој промовира иновативен пристап со содржина која пак, претставува ,,жива“ материја, блиска до човечкото срце.
Минатиот месец за „ПМГ Џез“, како 44 издание, излезе албум во живо, концерт на пијано на Дуња Иванова, кој беше реализиран во рамки на музичката програмата „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, која изведе композиции од Ана Пандевска.
Веднаш потоа во 21 часот на истата сцена ќе започне долгоочекуваниот концерт на Биг Бендот со музика од Кире Костов. Концерт посветен на еден од стожерите на современата џез композиција Кире Костов, преку интерпретација на негови избрани дела во современ аранжман од страна на Биг Бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Костов е едно од најзначајните имиња во современата џез музика, чија работа опфаќа бројни ангажмани и дела, меѓу кои: солист и диригент на Танцовиот оркестар на РТВ Скопје, наградуван трубач во Југославија, претставник во Биг бендот на Европската радиодифузија, автор на околу педесетина композиции во оркестарска изведба од областа на џезот и 300 песни во популарната музика и реализатор на сите изданија на Скопскиот фестивал од 1991. Подеднакво значајна ќе биде и изведбата на селектираните дела од Костов на еден од нашите најзначајни оркестарски формации, чија историја датира од далечната 1961 година (Биг Бендот на МРТ), кој во 2013 година се возобновува и продолжува да работи во музичка формација водена од Љупчо Мирковски како диригент.
Фестивалот ќе биде заокружен на 27 април во едукативно културниот центар Лабораториум со концертен настап на „Macedonian Free Society“ и со еден од највозбудливите музички проекти „Поетроника“.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и Лабораториум. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).