Култура
Три македонски драми избрани меѓу најдобрите во Европа
Европската мрежа за современа драма и превод го соопшти изборот на најдобри нови драмски дела на европско ниво за 2022 година. Меѓу нив се и три необјавувани и неизведувани драми на македонски јазик: „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, „Јас, на некое друго место“ од Ана Трпеноска и „Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски.
Во конкуренција на 806 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 19 текстови напишани на македонски јазик. Изборот го направија 335 членови од 27 посебни јазични комитети на „Еуродрам“. Во Македонскиот комитет на „Еуродрам“, кој го направи изборот на македонски драми, се: Иван Додовски, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач); Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка, директорка на Драмски театар од Скопје.
Првонаградениот текст „Мачкина глава“ од Венко Андоновски е семејна драма сместена во една балканска неименувана паланка во која тече митско, а не историско време, иако дејството се случува денес, во време на електронски комуникации. Тоа е драма за тоталитарното мислење што ги контаминира семејните односи и се шири како глобална закана. Венко Андоновски е прозаист, драмски писател и универзитетски професор, автор на 35 првоиздадени книги од различни жанрови и на 17 пиеси, кои се изведувани и наградувани во Македонија и во други земји.
Инспирирана од вистински настан, драмата „Јас на некое друго место“ од Ана Трпеноска ја обработува темата на филицид, убивање на сопствените деца од страна на мајката, емигрантка од Балканот, која страда од депресија. Во едно нормално, навидум среќно семејство што живее во странство, за време на роденден се случува трагедија што ги разоткрива темите на отуѓеност, чувство на промашен живот, изместени вредности и притисок врз поединецот наметнат од конзумеристичкото општество. Ана Трпеноска е драмска писателка што живее и работи во Виена. Дипломирала драматургија на ФДУ Скопје. Две нејзини драми се играни на сцената на МНТ во Скопје. За нејзиниот текст „5:17“ добила меѓународно признание од ИТИ Унеско во 2014 година, а игран е на Форумот за современа драматика во Атина.
„Среќен мртовец“ од Марјан Анѓеловски е сатирична и апсурдна драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал, па минува низ пекол борејќи се во бирократските лавиринти на државниот систем да си го врати голиот живот. Марјан Анѓеловски е автор на неколку драмски текстови и сценарист во телевизиските емисии „Фчерашни новости“ и „Еден на еден“.
„Еуродрам“ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови – театролози, критичари, драмски автори, преведувачи, режисери – организирани во 30 јазични комитети. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и за публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на „Еуродрам“ избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и сценско изведување.
Резултатите од конкурсот за 2022 година се објавени на официјалната страница на Еуродрам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

