Култура
„Учителот, страдањето и учеништвото“ – изложба на Владимир Герогиевски и Никола Пијанманов
Утре, во 19 часот, во галеријата „Метаноја“, ќе биде отворена изложбата „Учителот, страдањето и учеништвото“ на Владимир Георгиевски и Никола Пијанманов.
Избраните дела за изложбата се инспирирани од Христовите страдања. Тие се прикажани буквално на сликите, но уметничкиот израз носи и многубројни метафори на страдањето како феномен – општото искуство на човештвото, со кое Христос се поистоветува. Една од паралелите е совршениот пример на Исус, кој ги воведува и ги води следбениците низ учеништво, кое бара непоколеблива посветеност, самопожртвуваност и љубов.
Георгиевски и Пијанманов во дијалог даваат уметничко сведоштво, пред сѐ, за Христовите страдања, но и за инспирацијата од него за односот учител – ученик.
За изложбата, рецензентот д-р Коста Милков пишува: Пристапот на Исус кон неговите ученици ги содржи суштинските елементи на она што во христијанството се нарекува учеништво – врска меѓу учителот и ученикот, во која поуката ни од далеку не ја исцрпува динамиката на односот. Целата личност на учителот и целосната личност на ученикот мора да бидат вклучени во тој однос. За овој процес да биде целисходен, во него не смее да има тајни. Секој го дава своето сѐ. Оваа изложба е посветена на животот на Исус Христос со своите ученици, а се состои од избор на дела на темата на еден учител, Владимир Георгиевски, и еден ученик, Никола Пијанманов. И двајцата се сметаат за Христови ученици, па тој факт се огледува во нивните дела. Изложени се шеснаесет слики од опусот за Страсната недела и Велигден. Оригиналноста на двата автора и сличностите во нивните дела сведочи дека во нивниот однос не се работи само за она што е дидактичко и образовно. Јасно е дека ова е неколкугодишно патешествие на учеништво.
Изложбата ќе ја отвори директорката на галеријата „Метаноја“, Нада Милкова. Краток осврт за темата на поставката и за изложените дела ќе има рецензентот Коста Милков. Ќе се обрати и коавторот на изложбата, Никола Пијанманов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Светската пијанистичка ѕвезда Фазил Сај на официјалното затворање на концертната сезона на Македонската филхармонија
На 23 мај, во четврток, со почеток во 20 часот, на концертот насловен „Алфа и омега“, ќе настапи еден од најпознатите пијанисти денес, турскиот и светскиот уметник – Фазил Сај. Овој извонреден пијанист, кој поседува навистина редок талент, а со кој повеќе од три децении директно допира до срцата на публиката и критиката, за македонската публика ќе го изведе маестралниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 во c-moll,оп.37 од Лудвиг ван Бетовен.
Диригент на концертот е маестро Јерухам Шаровски од Израел, новиот шеф-диригент на Македонската филхармонија, а на програмата оваа вечер е и уште едно дело на генијалниот Бетовен, неговата увертира „Егмонт“ оп.84, создадена по истоимената трагедија на Гете.
Во вториот дел од концертот, ќе биде изведена атрактивната Симфониска свита „Шехерезада“, оп. 35 на Николај Римски-Корсаков, создадена по мотивите од познатата бајка „1001 ноќ“.
За време на својата кариера, маестро Јерухам Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мастер-часови на значајни универзитети во светот. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф-диригент и уметнички директор на Македонската филхармонија.
За турскиот и светски пијанист Фазил Сај (1970) критиката ќе каже дека концертите на овој пијанист се нешто поинакво. Тие се подиректни, поотворени, повозбудливи, накусо – стрелаат право во срцето. Токму тоа што го изјавил и композиторот Ариберт Рејман во 1986 година, кога при посетата на Анкара имал можност да го слушне тогаш 16-годишниот Сај. Тогаш, тој веднаш го замолил Дејвид Левин, американскиот пијанист што го придружувал на тоа патување, да дојде во Градскиот конзерваториум и му кажал: „Апсолутно мора да го слушнете, ова момче свири како ѓавол“. Фазил Сај своите први часови по пијано ги почнал кај Митхат Фенмен, кој студирал кај познатиот Алфред Корто во Париз. Чувствувајќи го талентот на неговиот ученик, Фенмен го замолил секој ден да импровизира на теми поврзани со неговиот секојдневен живот, пред да работи на зададените вежби на студиите по пијано. Токму ова, контактот со слободните креативни процеси, се смета за извор на огромниот импровизаторски талент на Фазил Сај, како и на неговиот естетски поглед и во творештвото, како композитор. Неговата извонредна техника бргу му овозможила со леснотија да ги совлада комплексните дела, од префинетоста на Бах, Хајдн и Моцарт, до виртуозната брилијантност на Лист, Мусоргски и Бетовен, што ќе му донесе победа на Меѓународниот натпревар „Young Concert Artist“ во Њујорк, во 1994 година. Оттогаш, тој настапува со сите реномирани американски и европски оркестри, со водечки диригенти, градејќи повеќеслоен репертоар, кој се движи од барок, до современите дела, вклучувајќи ги и сопствените.
Култура
Концерт на „Хрватски гитарски квартет“ во Македонската филхармонија
На 28 мај, во 20.30 часот на големата сцена во Македонската филхармонија, во организација на платформата „За тебе“ за првпат ќе гостува „Хрватски гитарски квартет“ во состав: Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ.
Новооформената платформа „За тебе“ се залага во континуитет да промовира атрактивна, пред се, музичка културна содржина и меѓународни гостувања на светски и регионални докажани музички артисти.
Концертниот настап на „Хрватски гитарски квартет“ ќе биде посветен на жената, како синоним на духовноста. Недвојбено, жената како гласот на мудроста, одмереноста, грациозноста, нежноста, стаменоста, храброста и истрајноста – жената како борец, хероина против неправдата, која исправено стои, борејќи се за социјални и општествени промени.
На програмата ќе бидат изведени дела од: Луиџи Бокерини, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Рафет Руди, Мирослав Милетиќ, Гордан Тудор, Сергеј Прокофјев и Зоран Јураниќ.
Гитарската четворка Зоран Дукиќ, Петрит Чеку, Марое Брчиќ и Твртко Сариќ го одржале својот прв заеднички концерт во 2016 година и оттогаш имаат отсвирено бројни турнеи низ Хрватска, Италија, Словенија, Чешка… вклучително и неколку премиерни изведби на дела од композитори како Викторија Чоп, Гордан Тудор и Зоран Јураниќ, како и настапи со Загрепските солисти и Вараждинскиот камерен оркестар. Ја добија наградата „Орландо“ на Хрватската радио-телевизија за нивниот концерт на фестивалот „Дубровничко лето“ во 2017 година. Од 2020 година, овој ансамбл настапува под името „Хрватски гитарски квартет“ и истата година го објавија албумот „Guitarrismo“ за „Кроација рекордс“, кој доби две номинации за „Порин“. Во 2022 година, објавија албум под името „Багатели за домашна употреба“ („Кантус“). „Хрватски гитарски квартет“ изведува дела од сите музички епохи, со посебен акцент на делата на хрватските композитори.
Концертното гостување се реализира со поддршка на „Смаргд 1969“, „Мерлин солушн“, „Гигабел“ и Why агенција.
Загрепскиот гитарист Зоран Дукиќ се наобразувал на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а се доусовршил на Универзитетот за музика и танц во Келн.
Дукиќ е еден од најнаградуваните хрватски гитаристи ширум светот. Има настапувано на сите континенти. Тој е единствениот гитарист што победил на двата меѓународни натпревари „Андрес Сеговија“ (во Гранада и во Палма де Мајорка). На најголемиот шпански натпревар по гитара во Мадрид, одржан под покровителство на кралското семејство, тој не само што ја освоил првата награда, туку бил и првиот странски државјанин што ја добил наградата за најдобра изведба на шпанска музика.
Петрит Чеку е роден во Призрен, Косово, дипломирал на Музичката академија во Загреб и ги продолжил студиите во Балтимор, САД, на конзерваториумот „Пибоди“. Предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, Австрија. Има изведувано рецитали низ целиот свет и бил солист со симфониски оркестри како Балтиморската симфонија, Калгариската филхармонија, Чешката камерна филхармонија, Теџонската филхармонија, Државниот оркестар „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Панонската филхармонија и Загрепската филхармонија. Пофален од „Калгари Хералд“ како „природен гитарист, со силен, продорен звук“, Чеку е првонаграден на многу меѓународни натпревари за гитара, вклучувајќи ги и најпрестижните како „Паркенинг“ (Малибу, САД), „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биасини“ (Болоња, Италија) и „Питалуга“ (Алесандрија, Италија). Тој бил единствениот класичен музичар на турнејата „Night of the Proms 2018“ со Антверпенската филхармонија под диригентство на Александра Ариече, на која учествувале великани на поп музиката како Брајан Фери, Мајлоу, Сил и Сузан Вега. Соработувал со наградуваната режисерка Калтрина Красниќи и компонирал оригинална музика за нејзиниот долгометражен филм „Вера сонува за морето“, кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во 2021 година.
Марое Брчиќ е роден во Дубровник, Хрватска, каде живее и денес. Дипломец е на Музичката академија при Универзитетот во Загреб. Предава гитара на Уметничката академија при Универзитетот во Сплит. Брчиќ речиси 30 години настапува на концертните сцени како солист, како член на камерни состави и како солист со оркестарска придружба (оркестарот на Хрватската радио-телевизија, Дубровничкиот симфониски оркестар, Вараждинскиот камерен оркестар, Загрепските солисти, Мостарскиот камерен оркестар, Сараевската филхармонија, Темишварската филхармонија, оркестарот на Македонската национална опера и „Гнесин виртуози“ од Москва). Има настапувано низ Европа, Азија и Северна Америка. Брчиќ ја добил Ректоровата награда на Универзитетот во Загреб, наградата „Милка Трнина“ (со Дубровничко гитарско трио) и е двократен добитник на наградата „Орландо“ на фестивалот „Дубровничко лето“.
Твртко Сариќ е роден во Госпиќ, Хрватска. Завршил на Музичката академија при Универзитетот во Загреб, а на музичката академија „Ино Мирковиќ“ во Ловран, завршил едногодишна специјализација. Имал концерти низ Словенија, Австрија, Италија, Германија, Полска, Босна и Херцеговина, Мексико и САД. Како солист настапувал со Загрепската филхармонија, Загрепските солисти, Гудачкиот оркестар на Целје, Вараждинскиот камерен оркестар, со речиси сите гудачки квартети во Хрватска и како член на Ансамблот „Кантус“ за промоција на современата музика. Снима за издавачки куќи во Хрватска и во Словенија. Добитник е на наградата „Порин“ за најдобар албум за класична музика (настапувајќи во албумот на Берислав Шипуш „Заједно“, „Кантус“, 2018 година). Основач е и уметнички директор на неколку концертни серии во областа Госпиќ. Тој е доцент на Одделот за наставнички студии при Универзитетот во Задар, а предава и на музичкото училиште во Чрномељ. Во 2012 година го основал хорот „Дегенија“. Во 2017 година бил награден со Ректоровата награда на Универзитетот во Задар за „извонредни достигнувања во уметничката работа и управувањето со хорот“.
Култура
Музеите се огледало на минатото и на нашето културно наследство, порача министерката Костадиновска Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на сите музејски работници им го честита Меѓународниот ден на музеите – 18 Maj за кои вели дека се огледало на минатото и на нашето културно наследство.
„На 18 Mај, Меѓународниот ден на музеите ја нагласуваме нивната заштитничка улога на историјата, културата и македонскиот идентитет. Музеите се инспирација за креативност, истражување и критика, уникатни локации за интерпретација на уметноста, археологијата и науката. Со честитката до сите музејски работници ја нагласувам нивната посветеност во заштита на дејноста и придонесот за едукација на младите генерации во справувањето со комплексните општествени предизвици“, се вели во честитката.
Министерката за култура посочува дека денеска ја подигаме свеста и го насочуваме вниманието кон важноста на музејските институции со отворање на нивните врати за граѓаните.
Таа потенцира дека Министерството за култура поддржува голем број проекти на музеите во остварување на заедничката цел за достојно почитување и вреднување на културата и културното наследство.
„Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое денеска се одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.
На овој ден, музеите во земјава традиционално ги отворат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.
Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество.