Култура
Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.
Фестивалот којшто се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.
Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.
„Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.
Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Македонскиот народен театар вечерва ја изведува „Народен пратеник“ во Народно позориште – Белград

129 години по праизведбата на „Народен пратеник“ и 101 година од неговото прво печатено издание, „Народен пратеник“ на Македонски народен театар вечерва игра во Народно позориште – Белград.
Оваа прва комедија на Бранислав Нушиќ, во изведба на моќна актерска екипа и режисерски конципирана од страна на Егон Савин, по впечатливата и одлично забележана изведба на реномираниот фестивал и добиената специјална награда за колективна актерска игра од „Стериино позорје“ – вечерва во 20:30 часот игра на сцената „Раша Плаовиќ“.
Силните впечатоци и импресиите што ги сподели новосадската публика и критиката за двете изведби се патоказ и очекување тоа да се доживее и по оваа изведба.
Култура
Историски ден за МНТ: триумф на ансамблот во „Народен пратеник“

3 јуни 2025 – ден што со особена чест ќе биде запишан во поновата историја на Македонскиот народен театар.
Наградата што секој актер и ансамбл ја посакуваат – Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра – му припадна на ансамблот на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, а во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
Ова е награда што ја слави и ја велича не само актерската вештина туку и сплотеноста што се раѓа на сцената – заедништвото во процесот на создавање, како и силата на колективната енергија што живее низ целото траење на претставата.
Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), народот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили, како и целиот тим зад сцената – го заслуживте ова признание!
ПР
Култура
Премиера на балетот „Госпоѓа Бовари“ – одбележување 25 години уметничка дејност на примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска

На 25 јуни 2025 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер. Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Ова балетско дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Особено значајно е што оваа премиера е посветена на Марија Кичевска Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет.Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (Доктор Оме) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Билетите се пуштени во продажба, онлајн и на билетарницата на МОБ.