Култура
Ѓурологија доаѓа во Скопје

Авалон Продукција го најавува авторскиот хит „Ѓурологија“ на легендарниот босански актер Бранко Ѓуриќ – Ѓуро, која во моментов е најгледана претстава на подрачјето на поранешна Југославија.
Популарниот и наградуван сараевски актер, режисер, хуморист, „надреалиста“- со еден збор, човекот институција Бранко Ѓуриќ- Ѓуро, доаѓа во Скопје да ја разбие целата монотонија, и тоа со две ексклузивни шоуа, на 5 и 6 јуни во Македонската опера и балет.
Се работи за ексклузивни шоуа со мал капацитет, доколку се земе во предвид дека Ѓуро во последниве неколку години, буквално полни и спортски арени како на Балканот, така и во Америка и Канада.
Со босански шарм и долгогодишно актерско искуство, кое посебно се истакна во култниот проект „Топ листа надреалиста“, публиката дефинитивно ќе ужива во претставата „Ѓурологија“.
Бранко Ѓуриќ- Ѓуро секогаш е актуелен и забавен, па по 25-годишна кариера се чини дека дури и не мора да направи нешто ново- тука се: „Топ листа надреалиста“, легендарните стари филмови, хитовите на „Бомбај штампа“… Иако самиот вели дека квалитетот на хуморот не е променет, туку луѓето денес поретко се смеат, со својот нов хит „Ѓурологија“ тој го покори регионот со смеењето како значајна терапија против суровото секојдневие.
Продажбата на влезниците за „Ѓурологија“ почне во четврток, а влезниците чинат 800 денари. Билетите ќе можат да се набават преку продажната мрежа на Купи Карти За Се низ цела Македонија, Југотон, како и онлајн./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Потпишан меморандум за соработка помеѓу НУ Охридско лето и Театарската асоцијација на Јужна Кореја

НУ Охридско лето и Театарската асоцијација на Јужна Кореја денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на културата.
Целта на потпишувањето на меморандумот е интензивирање на соработката помеѓу фестивалите, како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.
Спогодбата ја потпишаа директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, и претседателот на корејската Асоцијација, Сен Јеунг Ву.
Оваа соработка отвора нови перспективи за македонската уметност, смета директорот Цуцковски.
Инаку, со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ Охридско лето, вечерва се спушта завесата на јубилејното 65. издание на фестивалот Охридско лето.
Култура
Дистрибутерски гигант од Англија ги откупи правата за „Сиљан“ на Тамара Котевска

Англискиот дистрибутерски гигант Dogwoof од Лондон го откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan] – најновиот документарен филм на Тамара Котевска.
Dogwoof е компанија позната по современи документарци со Оскар и BAFTA номинации, а ова е нивна втора соработка со Котевска по успехот со „Медена земја“. Вклучувањето на Dogwoof е силен индикатор дека „Сиљан“ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за Оскар.
Филмот за една недела ќе ја има својата светска премиера во Венеција 2025 (во селекцијата (Out of Competition), а потоа и северноамериканска премиера во Торонто, каде е во официјалната натпреварувачка програма.
Американската UTA Independent Film Group ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и Concordia Studios, чија продуцентка Casey Meurer вели: „Уште од првиот разговор со Тамара, Concordia беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на „Сиљан“. Пресреќни сме што Dogwoof ни се приклучи во тимот“.
МУЗИКА ОД СТУДИОТО НА HANS ZIMMER
Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer. Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Сиљан“. Композициите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен.
Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика.
ФИЛМСКА ВИЗИЈА И ИНСПИРАЦИЈА
„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството.
КОТЕВСКА ОБЈАСНУВА:
„Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“.
ФИЛМСКА ЕКИПА
Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi.
Екипата ја сочинуваат:
Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска
Кинематограф и продуцент: Jean Dakar
Продуцент: Јорданчо Петковски – Ова е втора соработка помеѓу Тамара Котевска и Јорданчо Петковски на долгометражен филм, во моментов заедно го подготвуваат „Човек против Јато“.
Останати продуценти: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop, и Anna Hashmi
Монтажер: Мартин Иванов
Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio)
Студио за тонска обработка: PROTA
Колор корекција: GHABHA Studios
Консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz
„Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“. – изјави Oli Harbottle од Dogwoof
Култура
Полски уметници го затворија музичкиот репертоар на 65. Охридско лето

Репертоарот на класична музика на годинешното 65.издание на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер беше заокружен со концерт на извонредните уметници на хармоника од „Моушн трио“ од Полска.
Нивниот настап во црквата „Света Софија“ се одржа во рамките на традиционалната Полска вечер што секоја година се одржува на фестивалот. Вечерта ја отвори полскиот амбасадор во земјава, Мариуш Бримора.
-Чест ни е што нашите полски уметници ќе бидат завршница на музичкиот дел на фестивалот. Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на директорот и тимот на „Охридско лето“ за целата организација и за тоа што го овозможија овој настан. Уметниците од ова трио ги запознав пред точно 26 години во Чикаго. Јас таму бев конзул а тие само што ја започнуваа нивната музичка кариера и беа во Чикаго за да настапат на приватен настан. Ми кажаа дека се труделе да заработат повеќе пари за да си обезбедат поквалитетни инструменти. Таа вечер ја воодушевија публиката, и од тој настап, не само што станаа доволно успешни да си ги дозволат најдобрите хармоники во светот, туку и снимија 14 компакт дискови и одржаа стотици концерти. Р С Македонија е 45-тата земја во која имаат настапувано, рече полскиот амбасадор Бримора.
Полското трио хармоники со името „Моушн трио“ е познато по нивниот специфичен начин на комбинирање на страста која извира од традицијата на музиката од Источна Европа со прецизноста и строгоста на делата на големите класични композитори.
Предводени од Јануш Војтарович, членовите на триото често изведуваат сопствени, оригинални композиции кои се засноваат на нивното класично музичко образование на Академијата за музика во Краков и на нивната љубов кон традиционалната музика со која израснале. Основано во 1996 година, триото започнува да свири на улиците низ Европа, а потоа прераснува во ансамбл кој е признаен на класичната музичка сцена. Настапуваат низ целиот свет, а уникатноста продолжуваат да ја градат со имплементација на звуците на рок и техно со што нивниот нетипичен израз добива сосема нови нијанси.
За нив велат дека да се доживее „Моушн трио“ е како да се присуствува на рецитал на Паганини и концерт на групата „Металика“ во живо. Толку е моќен и возбудлив нивниот звучен свет, а сепак тоа го постигнуваат исклучиво со употреба на нивните хармоники – без дополнителни семплери, лупови или технолошки трикови. Нивната неверојатна изведувачка вештина ги поместува границите на интерпретација и прави тие да бидат една од највозбудливите формации од овој тип на светската сцена. Нивната музика е оригинална, еден вид спој на минимализам, џез и рок кој комплетно ги редефинира постоечките звучни пејзажи кои хармониката како инструмент може да ги долови, и на тој начин создава сосема нова слика за неговите можности. Албумите на триото се одлично прифатени од стручната критика и им носат бројни награди и од класичната, но и од џез-сферата.
Членовите на триото сметаат дека единствен начин да се задржи вниманието на денешната публика е да се експериментира со звуците на хармониката и да се извлечат од инструментот звуци кои досега никогаш не се слушнати, да се развиваат нови форми со цел да се креира возбудлива музика која ќе продолжи постојано да носи нови изненадувања.