Култура
Џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи во Македонската филхармонија
Годинешното трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија.
Идејни творци на фестивалот се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.
„Крај Вардарот џез“ е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етномузика, кој веќе три години во континуитет на домашната публика ѝ ги претставува најрецентните авторски остварувања, високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признaени таленти.
„Фестивалот произлезе од потребата да поддржиме една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светскиот современ израз. Со две изданија зад себе и публика, која брои и до 2.000 посетители, ‘Крај Вардарот Џез’ успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на ‘ПМГ Џез’ (суб-лејбл на издавачката куќа ‘ПМГ рекордингс’), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез-сцена во нашата земја. Заложбата на ‘ПМГ џез’ е, пред сѐ, пронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори. Досега има 34 изданија, а покрај вообичаениот формат на издавање на ЦД и во дигитална форма, ‘ПМГ џез’ досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од разни изведувачи ‘Крај Вардарот џез 1’ и ‘Стела’ на ‘Љубојна’. Оваа година ќе се појави и третиот винил, музичка компилација од разни изведувачи ‘Крај Вардарот Џез 2 – нов бран’“, велат Попов и Дробицки.
Првата интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филармонија ќе почне во 20 часот со извонредни музичари од регионот и настап на „Спејс трио“ (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез-состав, „Ејот“ (Eyot) од Ниш.
„Спејс трио“/Space Trio (Бугарија) е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот инстант-композиција, а ја води спонтаноста во изразот. „Членовите на Спејс трио“ се современи слободни импровизатори и креатори на звук, неограничени од стил или класификација. Тоа се луѓе што обрнуваат внимание на вибрациите не како реакција на фиксирана идеална изведба туку како авантура и се чини секогаш звучат поинаку. Членови на оваа формација се: Живко Братанов – пијано, Георги Ангелов – перкусии, Васил Хаџигрудев – контрабас. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез-музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ („Светлост“, „Одрон ритуал оркестар“).
EYOT (Србија) е најреномираниот српски џез-состав во последната деценија во регионот и на светската сцена. Фронтмен е виртуозот на клавир Дејан Илијиќ, а составот го комплетираат: Милош Војводиќ на тапани, Марко Стојилковиќ, бас, и Слаѓан Миленковиќ на гитара. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и во Источна Европа.
Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија со почеток во 20 часот, со концертен настап на сега веќе култниот состав „Сетстат“, кој одбележува 30 години јубилеј од своето постоење како џез-формација. Оваа вечер публиката ќе има уникатна можност да ги чуе во досега невидено издание во проширен состав – оркестар. „Сетстат“ ќе се претстави со специјална селекција на музички материјал од својот тридецениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонијата. „Сетстат“ има издадено 9 студиски албуми, а во пресрет на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10-ти албум по ред.
Во оваа специјална вечер, пред „Сетстат оркестар“ ќе настапи Toka Shitet (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla, со соло изведба на авторска музика на шаркија.
Toka Shitet е уметничкото име на Идриз Амети, кој има 4 студиски албуми зад себе. Како соло уметник свири на шаркија (традиционален балкански инструмент). Амети е присутен на музичката сцена од 1986 година и работи со разни бендови и уметници.
Цената на билетот за една фестивалска вечер е 400 денари и може да се купат на билетарницата на Македонската филхармонија, која работи од 10 до 20 часот секој работен ден, од понеделник до петок, и в сабота од 10 до 14 часот.
Бројот на билетите е строго ограничен.
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето на награди завршува овогодинешниот Cinedays
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.
Култура
Сорентино и филмот „Југо Флорида“ со Андрија Кузмановиќ на репертоарот на „Синедејс“
Денес, на претпоследниот ден од 24 издание на фестивалот Синедејс, во киното Фросина, со почеток од 20 часот ќе биде прикажан филмот “Помилување” во режија на славниот италијански режисер Паоло Сорентино. Филмот “Помилување” ја имаше својата светска премиера на 82 издание на Венецискиот филмски фестивал, со што се отвори и 82-та Мостра. Токму на овој фестивал, актерот Тони Сервиљо ја доби наградата “Волпи” за најдобар актер, а филмот беше номиниран за “Златен Лав”.
На истата локација, во 22.30 часот ќе биде прикажан филмот “Југо Флорида” во режија на Владимир Тагиќ, каде главната улога ја остварува популарниот српски актер Андрија Кузмановиќ. За ова остварување, актерот ја добива наградата “Срце на Сараево” за најдобра улога на Сараевскиот филмски фестивал во 2025 година.
Од останатите филмови на вечерашниот репертоар на фестивалот, во Денснг салата на МКЦ следи и краткиот филм “Зајак” во режија на Ханис Багашов кој се здоби со наградата Најдобар филм на фестивалот на краток филм Дримшорт во Струга и “Еден од оние денови кога Хеме умира” во режија на Мурат Фиратоглу. Во Кинотеката, ќе биде прикажан филмот “За Ева” краткиот филм во режија на Бојан Василев и “Вена” во режија на Кјара Флајшхакер.
Билети за фестивалот може да се набават на официјалната страница www.cinedays.mk.

