Култура
„Американско катче“ во Битола

Заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ и Рајан Роландс, советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД, потпишаа меморандум кој се однесува на учеството во програмата „Американско катче“.
Заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ и Рајан Роландс, советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД, потпишаа меморандум кој се однесува на учеството во програмата „Американско катче“.
Министерството за култура обезбеди простор во кој ќе биде сместено Американското катче во Битола, вклучувајќи ја печатената и електронската колекција на Катчето, пристап до интернет-страниците, како и други програмски активности.
Просторот, со површина од 33 квадратни метри, се наоѓа на приземјето од Центарот за култура во Битола.
„Потпишувањето на Меморандумот претставува јасен израз на заедничките и искрени намери во насока на негување, афирмирање и продлабочување на културните врски меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави“, истакна заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ за време на потпишувањето на документот.
Во Македонија успешно функционираат четири американски катчиња, и тоа во Скопје, Тетово, Штип и во Битола. Тие, како вистински мултикултурни центри, претставуваат мост за зближување меѓу македонскиот и американскиот народ.
Во американските катчиња, сите заинтересирани преку книгите и другите достапни материјали, како и преку бесплатните информации, може да се здобијат со знаења за Соединетите Американски Држави./крај/со/ин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Чевствување по повод 61 годинаа од смртта на Милтон Манаки

Денес се навршуваат 61 година од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки.
Во негова чест, на Влашките гробишта во Битола, свежо цвеќе положија, во име на општина Битола, советниците Марица Тодоровска и Борче Корлевски како и други делегации, претставници на конзуларни претставништва, вљубеници во филмската уметност и други граѓани.
Организатори на чествувањето се Кино – видео клуб ,,Студио Милтон Манаки ” од Битола и Комуната на Власите армните ,,Браќа Манаки”, со поддршка од Општина Битола.
„Денес се навршуваат 61 година од упокојувањето на Милтон Манаки и дојдовме да оддадеме достојна почит, заедно со претставници на Општина Битола, Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот, како и дипломатските претставништва на Република Грција и Република Романија, Кинотека на Македонија и други институции и организации, кои изразија желба да положат цвеќе и да ја дадат својата почит кон Милтон, кој навистина, според мене, колку што е заслугата на Јанаки, заслугата на Милтон е уште поголема, затоа што во едни турбулентни времиња, тој успеа да ги сочува сите овие материјали, кои денес се чуваат дел во Кинотеката на Македонија, тоа е филмскиот материјал и дел во архивот, каде што се чува најголемиот фотографски и друг материјал, којшто секако претставува едно огромно културно богатство за Република Македонија. Материјалите се во фаза на целосна дигитализација, така што ќе може секој граѓанин да пристапи, да види и да истражува, што навистина оставиле Браќата Манаки, за нас навистина големо културно богатство“, изјави Стефче Хаџи Андоновски од Здружението „Комуната на Власите“ и Кино клубот „Милтон Манаки“.
Хаџи Андоновски, нагласи дека оваа година се одбележуваат 120 години од доаѓањето на „Камерата 300“ во Битола и предложи по овој повод да биде организиран соодветен настан со кој ќе биде одбележан овој значаен јубилеј.
Култура
Cамостојна изложба на Анита Огњановска

Изложбата насловена „Во спокој“ е деветта самостојна изложба на Анита Огњановска, чие отворање ќе се одржи на 5 март 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во двата изложбени салони, Империјал 1 и Империјал 2, во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје.
Огњановска повторно се претставува пред македонската публика со нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност. На изложбата ќе бидат претставени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.
Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.
Концептот на изложбата „Во спокој“
Огњановска ги претставува своите дела како метафори за животот – навидум едноставен, но исполнет со слоеви комплексни емоции и искуства. Нејзините апстрактни композиции ја истражуваат интеракцијата помеѓу бојата и текстурата, создавајќи хармонија која ги повикува гледачите да откријат скриени значења под површината. Текстурите ја симболизираат слоевитоста на времето и искуствата, додека хоризонтите се прикажани како симбол на надеж и бесконечни можности.
Огњановска вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст.
За Анита Огњановска
Анита Огњановска е ликовен уметник од Скопје со над 15 години искуство. Покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија. Таа активно учествува на уметнички симпозиуми и колонии низ светот, што придонесува за збогатување на нејзината уметничка визија. Учеството на значајни настани како Salon d’Automne и Salon de Beauxarts во Париз и изложбите KUNST FOR ALLE во Копенхаген и Архус ја потврдуваат нејзината растечка препознатливост во светот на современата уметност. Нејзините дела се застапени во галерии во Данска, Грција и Австралија и се дел од приватни колекции ширум светот.
Култура
Љутков од Будимпешта: Потврдени нови иницијативи за соработка во културата и туризмот меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, која е во дводневна официјална посета на Будимпешта, Република Унгарија.
Во рамките на посетата, денеска се одржа втората заедничка седница на двете влади, на која беа разменети идеи и иницијативи за продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и во културата и туризмот.
На средбата меѓу министерот за култура и туризам Зоран Љутков и неговиот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, беше потврдена нивната посветеност за унапредување на културните и туристичките врски меѓу двете земји преку реализација на конкретни активности.
„Радува фактот што само неколку месеци по заедничката седница во Охрид, најголемите институции од областа на театарот во двете држави, Македонскиот народен театар и Националниот театар од Будимпешта, склучија Договор за соработка, врз чија основа, во иднина, ќе се реализираат заеднички продукции, ќе се разменуваат претстави и ќе се промовираат културата и уметноста на двете држави“, рече Љутков и изрази уверување дека е ова првиот од низата документи со кои ќе се регулира и ќе се унапреди соработката меѓу националните институции од двете држави. Во тој контекст планирана е и соработка и во областа на оперската, балетската и во филмската уметност, области кои се веќе добро развиени во двете земји.
Љутков информираше дека наскоро, со потпишување на новата Програма за соработка со Министерството за култура и иновации на Унгарија, ќе продолжи успешната соработка која ќе биде основа за нови иницијативи во културниот и туристичкиот сектор.
„Во исто време, остануваме отворени за поддршка на сите иницијативи што ќе придонесат за продлабочување на културните врски и за зацврстување на соработката меѓу двете земји, како и за потпишување Меморандум за соработка во областа на туризмот, кој би вклучувал можност за развој на заеднички туристички рути кои ќе ги истакнат културното наследство и природните убавини на Република Северна Македонија и на Унгарија“, изјави министерот Љутков.
Со оваа средба, двајцата министри ги потврдија своите заложби за континуирано зацврстување на соработката во културата, туризмот и во другите области од општествен интерес, со цел понатамошно збогатување на културната и туристичката размена и афирмирање на заедничките вредности и интереси.