Култура
„Високи достигнувања на ниската земја“ – холандски филмови на „Охридско лето“

Во организација на промо-центарот „Јавна соба“ од Скопје од 21 до 26 јули во Охрид ќе се одржат проекции на холандски филмови, насловени „Високи достигнувања на ниската земја“
Проекциите на филмовите се на отворено, во дворното место пред дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“. Селектор на програмата е Рада Шешиќ од Холандија, која специјално за охридските проекции има одбрано летна и хумористична програма. „Полска невеста“, „Кармен го сретнува Борат“, „Еротски приказни“, „Симон“, „Црна книга“ се дел од програмата холандски филмови.Филмската програма „Високите достигнувања на ниската земја“ е поддржана од „Охридско лето“, Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, Министерството за култура, „Холанд Филм“ и „Cultural Aid“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Oтворањето на изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин во Галерија „Метаноја“

Изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин ќе биде отворен во галерија „Метаноја“ во среда 6 август 2025 година од 11:55 часот.
На настанот ќе учествуваат Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко поетски перформанс ќе имаат музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски – Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име „Цвеќе на мирот“ по повод „Денови на уметноста“ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец.“
Живко Поповски – Цветин (р. 1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседтел на црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуаат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот.
Поповски – Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.
Култура
(Видео) Со концерт на Ана Дурловски, „Охридско лето“ го прослави 65. роденден

Со концерт на реномираната македонска сопранистка, првенката на Националната опера и балет, Ана Дурловски која настапи со пијано придружба на Анархит Тер-Татшатјан, синоќа беше одбележан 65. роденден на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот се одвиваше во катедралната црква „Света Софија“, каде што пред повеќе од шест децении почна целата приказна наречена „Охридско лето“.
На настанот присуствуваше и министерот за култура, Зоран Љутков, кој честитајќи го роденденот на Охридско лето, порача дека станува збор за најрепрезентативниот меѓународен фестивал во Македонија, симбол на културата, уметноста и врвната изведба.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и Албанија. Во 2006 година Ана дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со познатите светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.
Култура
15 години Баскерфест – уличната магија тргнува на пат низ Македонија

Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното 15. издание на Баскерфест — најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ги оживее плоштадите и булеварите со шарени уметнички настапи, радост и позитивна енергија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест ќе понуди уникатно улично искуство без билети и сцена, каде што улиците ќе станат сцена за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и други улични артисти од целиот свет.
Оваа година фестивалот ќе собере над 20 артисти од Полска, Србија, Албанија, како и од далечните Чиле, Бразил и Канада, кои ќе ги споделат своите уметнички таленти и ќе создадат непредвидливи и возбудливи моменти за публиката.
Секоја вечер ќе биде дополнета со музичка програма која ќе го збогати визуелниот спектакл со звук и ритам, овозможувајќи уште поголема блискост помеѓу уметниците и посетителите.
Баскерфест 2025 е единственото уметничко доживување кое живее на улица, создавајќи атмосфера исполнета со смеа, аплаузи и забава. Сите заинтересирани се повикуваат да го доживеат фестивалот, да повикаат пријатели и да уживаат во ритамот на уличната магија.