Култура
Разголена уметност
Респектираниот театарски и филмски режисер Харис Пашовиќ, во неделата со својата сараевска трупа East-West Центар гостуваше на „Охридско лето“. Во предворјето на Св. Софија, пред полно гледалиште беше изведена претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен
Потегот на селекторот на театарската програма, Ѓорѓи Јолевски, да го покани (со две претстави, втората е „Класен непријател“ од Нигел Вилијамс) East-West Центар од БиХ е и легитимен и разбирлив знаејќи ја се‘ поголемата меѓународна популарност на овој ансамбл…
Омилената фраза на Пашовиќ е: „Уметноста треба да се бори против цунамито на баналноста“. Но, барем според „Нора“ овој негов став е во сериозна дискрапанција со она што го видовме во предворјето на Св. Софија.„Нора“ навистина не беше банална, но не беше ниту уметност.Кога на филмски режисер ќе му „побегне“ намерата да направи љубовен филм, тој неизбежно ќе застрани во порнографија. Кога театарскиот режисер „бега од баналноста“ тој ги расоблекува актерите. Ако ова е рецептот за уметност, секоја чест. Сметам дека на ниту еден посветен па и просечен театарски гледач не му пречи извесна радикализација, (особено не еротиката) или поинакво, модерно читање на еден класичен текст како овој на Ибзен. Се‘ дотаму до каде тој е на основната текстуална и идејна теза на драмата и се додека осовременувањето е во функција, па макар и со постмодерен предзнак. Но, што станува кога дискурсот е погрешен? Тогаш, ниту талентираните, а особено етаблираните театарски работници не можат да ја спасат претставата. Соблекувањето на сцена одамна не е неморално, но мошне често се покажало како излишно, чин сам за себе, егзибиционистички „трик“ кој зад параванот на провокацијата и „шокот?“ не само што ја расипува играта, туку и го додава оној горчлив вкус на невкус на божемската слобода на изразот, на провиден надреализам во која ситуација и актерите како да се збунети. Во Нора разголувањето не помогна да продреме во карактерите на главните ликови. Напротив голите тела ги обезличија на рамниште на просечност, несугестивност, од која всушност тие, според текстот, треба да избегаат. Главните ликови и нивните профили се некако полудефинирани, не докрај консеквентно одиграни. Исклучок беа повремени куси луцидни парчиња на Маја Изетбеговиќ.Сценографски претставата е делумно во функција на режисерската идеја во правец на отсликување на транзициските клишеа и баналности. Истото може да се каже и за музичката поддршка која напати е во нелогична корелација со мизансценот.Впечаток е дека аплаузот на крајот од претставата повеќе беше израз на почит за вложениот труд на гостите од Сараево, отколку реакција која би го отсликала задоволството на присутните.Чинам дека овој пат Нора и уметноста останаа од другата страна на Св. Софија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.