Култура
„Забава“ на Александар Станковски вечерва во Мала станица
Во мултимедијалниот сентар Мала станица вечерва, со почеток во 20:30 часот, ќе се одржи промоција на книга и изложба на стрип од Александар Станковски, проект насловен „Забава, Циклус, Сон – да, Sometimes you have to say no, Мачорот Фрици и Скипо“
Промоцијата на проектот е во рамки на „Скопско лето 2009“.
„Забава“ е проект на кој авторот работел во последните 15 години. „Забава“ е насловот на една од петте новели-стрипови, андерграунд визуелни претстви во форма на цртеж, кои реферираат на гротескни настани и комични амбиенти. „Секоја од новелите е еден вид наративен кроки, кој си поигрува со сижето, но и со жанровите (дури и со самиот медиум; една од новелите со наслов Циклус е всушност „бескраен” во својата цикличност, цртан филм, чии страници – квадрати транспонирани во филмскиот или видео медиумот стануваат – фрејмови (филмски квадрати), а последниот квадрат – фрејм претставува фаза од првиот и почетен квадрат – фрејм). Од друга страна, за некои стрип-табли или квадрати се користени репродукции на слики во комбинација со цртеж, така што колажните структури добиваат значење на изменета перцептивност, или во концептуално-гностички смисол – промена на димензијата на егзистенцијата на субјектот. Но најпрецизен обид за нивната креативна експликација е дека тие се ad hoc манипулации со инертноста на медитативниот хедонизам, кој се претвора во бескрајно задоволно пловење по хипнотичката рафинираност на мрзеливоста.Понекогаш најавите се во манирот на холивудските патетични филмови од триесеттите, но набргу нарацијата почнува да му го отстапува просторот на пост-социјалистичкото предградие и на гротескните протагонисти на маргинализираните транзициски процеси. Процеси поклопени од старите матрици на егзистенцијата и целото лудило што произлегува од оваа репресирана и параноична свест. Како во стрип-новелата „Сон–Да“, каде некакви автореферентни и биографски ситуации се претвораат во шизофренична и фантазмагорична состојба, за на крајот сè да заврши во некакво митолошко екскатапултирање, при кое единственото алиби на сижето е природната (спонтана) промена на реалноста – како што е будењето… од сонот, на пример“, вели Александар Станковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

