Култура
Промоција на „Цена од Ново маало“ од Владимир Плавевски
Утревечер во 20:30 часот, на локацијата на поранешна „Румба кафана“, Ново маало, ќе биде промовиран романот „Цена од Ново маало“ од авторот Владимир Плавевски. Издавач е Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје
Во романот „Цена од Ново Маало” авторот Плавевски, како во своите претходни книги раскази „Играч на фанта”, „Амкање”, „Ловец на самовили” и „Поплава”, „страда” од автобиографска носталгија опсипувајќи не со лавина субјективни прикази на галерија ликови спопикани во скопскиот кварт наречен Ново Маало, во исклучително општествено-политичко невреме, во „Информбировска 48-та година” кога тогашната политичка власт запаѓа во политичкиот раскол со премоќниот комунистички СССР на генералисимусот Сталин, раскол што го разорува етичкиот дигнититет на луѓето и го обезличува битието на конзервативната средина на скопското маало во кое владее законот на посилниот, причинет од пеколните услови на скудното живуркање. Романескните случувања пребоени со љубовен заплет и задоени со политика резултира со губитништво во сите пори на маалското битисување. Авторот Плавевски со возбудлива страст го опишува маалското живеење чии драконски условности тешко се раскинувале дури и со бруталната контрола на тогашната власт. Следејќи ја автобиографската доследност како најсигурен начин за субјективна проценка на историските настани на своето Ново Маало, авторот Плавевски низ наративната призма на детето Владимир се втурнува во сите важни општествено-политички случувања кои со тектонска моќ го толчат неговиот личен, семеен и општествен статус. Главниот водечки лик на романот, неговата баба Цена, со својот стамен авторитет успева да владее со маалските и политичките тегобности подучувајќи го внукот и маалските херои и антихерои со наративна митологизација за животното премрежје на починатиот дедо-комита кој својот живот го посветил за слободна Македонија. Романот кулминира со крвава битка на Железниот Мост на Вардар, битка која е метафорички пораз и за маалото и власта. Сепак, еден од главните јунаци паѓајќи во матните води на реката Вардар отпливува во западниот свет за да се појави по педесетина години како феникс на нашите копнежливи доблести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

