Култура
Класен (не)пријател од Босна и Херцеговина
Токму впечатокот(ците, главно разочарувачки, од претставата Нора, беше предизвик да се присуствува и на вториот настап на East-West Center театарот од БиХ на Охридското лето со претставата Класен непријател од Нејџел Вилијамс и овојпат во режија на Харис Пашовиќ и со истата актерска екипа
За среќа, Класен непријател покажа дека Пашовиќ овојпат одбрал и текст кој многу повеќе му лежи и сценска методологија која и нему и на публиката им се многу поблиски од претходната Нора. Актелноста на овој текст на Вилијамс од осумдесеттите, по повеќе од дваесет години не изгубил од својата атрактивност. Всушност, иако не е во прашање особена театарска литература, Класен непријател многу повеќе манифестира отколку што зборува, многу повеќе опоменува отколку што едуцира. Класен непријател е до крајни граници карикиран, форсиран па и вулгаризиран аспект на социјалната и вредносна ерозија на средношколската генерација. И токму споменатите атрибути Пашовиќ ги демонстрира, се чини на единствениот можен начин, преку физичката и ментална сценска агресивност на буквално целата (млада) артистичка екипа вклучително и епизодата на средновечната директорка на училиштето. Атлетски театар од кој зрачи силна енергија од која се шири вкусот и мирисот на потта, реата на бунтовноста, девијантноста, разочараноста, лепливоста на зовриената младешка крв, барутното полнење…Со Класен непријател E&W во потполност го оправда своето гостување во Охрид. Претставата се одигра во предворјето на О.У „Свети Климент Охридски“ со крајно редуцирана и рационална сценографија. Овојпат, за разлика од Нора, музичката подлога (делумно со живо рапување) во потполно соодветствува на сценското дејствие. Актерската игра без исклучок покажа извонредна ментална и физичка кондиција и преданост над се. Можеби само за нијанса поатрактивни беа ликовите на Пегла (Амар Селимовиќ) и на Небо (Маја Изетбеговиќ).Имам чувство дека на претставата треба да и се дадат и дополнителни комплименти, но…тоа во некоја друга прилика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

