Култура
HGM Jazz Orkestar за затворање на „Скопско лето 2009“
На платото пред Домот на армијата во Скопје утревечер, со почето во 20:30 часот, ќе се одржи концерт на HGM Jazz Orkestar од Хрватска, под диригентство на Зиги Фигл. Концертот се организира во соработка со Музичка младина на Македонија
На програмата се композиции од Игор Савин, Миљенко Прохаска и Кокан Димушевски.
HGM jazz orkestar од Загреб кој делува во рамките на Музичката младина на Хрватска, формиран е на Летната џез школа на Меѓународниот културен центар на Хрватска од младите музичари во Грожњан, предводени од Бошко Петровиќ. Оркестарот има цел да ги афирмира младите талентирани музичари, да ги промовира, а воедно и да ја приближи џез музиката до младата популација. Оркестарот досега има настапувано во Словенија, Австрија, Белгија, Италија, Индонезија, Шведска и САД. Како педагози и гости на оркестарот настапувале и голем број хрватски и светски музичари: Бошко Петровиќ, Дамир Дичиќ, Матија Дедиќ, Невен Франгеч, Густаво Бергали, Ерик ван Лир, Мен Саунд, Марк Фелдман, Џон Томас и други. На репертоарот на оркестарот се наоѓаат дела од најпознатите композитори и аранжери на бигбендовскиот џез, но и на други стилови: Дјук Елингтон, Пјацола, Тито Пуенте, Стен Кентон… За одбележување особено е значаен проектот реализиран во соработка со Здружението на хрватските композитори, на кој се изведувале дела на хрватски автори создадени од 1940-та до денес. Благодарение на уметничкиот директор и постојан диригент Зиги Фигл овој оркестар настапувал со светски познати џез ѕвезди кои присуствувале на нивните работилници и семинари. Поради тоа, HGM jazz orkestar го нарекуваме институција која во недостаток на џез класи во средните музички училишта на високо уметничко ниво образува млади џез музичари, а истовремено и млади љубители на оваа музика. Оркестарот до сега има одржано повеќе од 160 концерти во Хрватска и странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

