Култура
„Троил и Кресида“ вечерва во Битола
Во Пациото на Завод и музеј – Битола вечерва, со почеток во 21 часот, ќе се одигра театарскиот спектакл „Троил и Кресида“ во режија на Љубиша Ристиќ. Премиерата пред битолската публика се случува во рамки на „Бит Фест“
Во грандиозниот проект на Македонскиот народен театар учествуваат околу 130 луѓе, од кои 80 актери. Во основата на овој театарски спектакл лежи текстот на Шекспир, но се занимава и со Хомеровата „Илијада“ и изворните антички митови според Роберт Грејвс. „Како да се изгради и да се разори еден град?“ и европската војна која трае 3000 години, од Троја се‘ до денес, е основната тематика на претставата. Во текот на 5 часа додека трае претставата, публиката ќе може да види тотален театар – драма, танц, опера, видео, перформанс, кабаре, циркус, мјузикл, градење на Тројанскиот коњ… Поделена е на 4 дела – првиот е Хомеровата „Илијада“, епско пеење, опера; вториот дел е наречен „Кратка историја на Олимп“, каде ќе се видат изворните цивилизациски митови и некои од основите на рокенрол музиката; третиот дел е Шекспировата трагикомедија и неговиот текст денес, и последниот дел наречен „Red carpet“ ќе ги прикаже културните обрасци во кои денес живееме, славење на боговите и луѓето, враќање кон „Илијада“. Како дел од огромната актерска екипа се појавуваат: Борче Начев како Троил, Николина Кујача како Кресида, Билјана Беличанец – Ахил, Никола Ристановски – Агамемнон, Владо Јовановски – Нестор, Владимир Јачев – Патрокло, потоа Ана Костовска, Владимир Ендровски – Љац, Нино Леви, Васил Шишков, Снежана Коневска – Руси, итн.На аудио-визуелниот дел на овој проект работат: Валентин Светозарев на сценографијата, Мери Јованов и Александра Митковска на костимите, Гордана Деан Поп-Христова на кореографијата, „Ѓорѓи Шаревски Бенд“ на музиката, заедно со Симон Киселички и Габор Ленѓел како музички соработници, Ивана Нелковска – драматург и Невена Рачиќ – корепетитор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

