Култура
Почнува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид
Четириесет и вториот Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, започнува утре во Охрид, во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Годинава семинарот се одржува под покровителство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и ќе трае до 27-ми овој месец. На семинарот ќе учествуваат 90 слушатели, странски слависти, македонисти, балканисти, историчари, етнолози, универзитетски професори, научни работници, преведувачи и студенти по македонистика, славистика и по балканистика од 27 земји. На собирот во Охрид ќе присуствуваат и познатите македонисти академиците Ала Шешкен од Русија и Иван Доровски од Чешка, професорите Кшиштоф Вроцлавски и Јан Соколовски од Полска, Волф Ошлис од Германија, Стивен Френкс од САД и други.Во рамки на семинарот, на 24 и 25 август ќе се одржи и 36-та научна конференција, која работи во две секции – лингвистичка и литературна. Темите на лингвистичката секција се „Лексичката синонимија во македонскиот јазик“ и „Структурата на простата реченица во дијалектите на македонскиот јазик“. Темите на литературната секција се „Научното и критичкото дело на Димитар Митрев“ и „Македонската литература во европски контекст“. На конференцијата ќе учествуваат околу 70 научни работници од земјава и од странство.На семинарот ќе бидат претставени повеќе изданија, како собраните дела на Милан Ѓурчинов, Антологијата на македонскиот расказ во превод на руски од Олга Пањкина.Семинарот и оваа година има сопствена издавачка дејност, покрај редовните изданија од минатогодишните предавања и од Научната конференција, издаден е и учебник по македонски јазик за странци, како и збирка со народни песни. Во културната програма на Меѓународниот семинар ќе се претстават истакнати уметници од Македонија, поетите Гане Тодоровски и Матеја Матевски, а ќе биде претставено и творештвото на скулпторот Томе Серафимовски. Ќе бидат прикажани и неколку македонски филмови.За слушателите на семинарот ќе се организира посета на значајни археолошки локалитети, музејски збирки и претставување на најновата македонистичка издавачка продукција. За учесниците на Меѓународниот семинар се организираат и екскурзии за запознавање со природното и културното богатство на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

