Култура
Канческа – Милевска: Реконструкцијата на фасадата на MOБ ќе заврши во октомври
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска даде изјава за Проектот за реконструкција на фасадата на Македонската Опера и Балет и нагласи дека тој целосно ќе заврши во октомври и ќе се санира и подготви фасадата на целиот објект
Министерката Канческа-Милевска изјави дека овој зафат е значаен пред се за самата институцијата, а потоа за вработените и за државата.„Оваа институција е една од најзначајните, тука се одвиваат голем број значајни културни манифестации“, рече Канческа-Милевска. Таа додаде дека досега вработените во МОБ се соочувале со течење на покривот кај сценографијата и во фоајето, а со реконструкцијата ќе и се помогне на институцијата да го добие својот сјај кој го заслужува.Од отворањето на МОБ досега, како што посочи Канческа-Милевска, не се извршени никакви реконструкции на објектот. Таа изјави дека освен надворешната реконструкција, претходно, исто така со средства на Министерството за култура, направени се внатрешни преуредувања околу фоајето, влезната партија и сцената.Запрашана дали ќе се реновира платото пред МОБ, таа одговори дека дел веќе е уредено, а другиот дел е во сопственост на општина Центар и оти контактираат со нив. Министерката рече дека и Комерцијална Банка сака да инвестира во уредување на платото. Дејан Прошев, уметнички директор на Операта изјави дека реконструкцијата на објектот е многу значајна за МОБ зашто порано дождот правел штети на магацините каде се чува декорот, во кој се вложени многу пари. Од дождот, како што рече тој, скапувало дрвото и сега тоа ќе биде заштитено. Тој додаде дека со реконструкцијата ќе се направи и покривот на фоајето и со тоа ќе се добие на квалитет на изгледот на театарот.Миодраг Ефремов, управител на „Робер ЛТД“ изјави дека засега не се санира покривот, туку се работи на местата каде е оштетена фасадата и каде се јавува течење. Според неговите проценки, фасадата е во лоша состојба, оштетена е бетонската конструкција, бетонските платна и во моментов се санира тој дел.Министерката за култура посочи дека во самата Програма на Министерството е зацртано реконструкција и реновирање на повеќе национални институции и додаде дека минатата година е извршено скенирање на состојбата во која се наоѓаат инститициите на културата. Оваа година, како што рече, во повеќе културни институции е почнато со реновирање.Канческа – Милевска најави дека в понеделник заминува за Кичево, каде во Центарот за култура веќе се завршени сите инвестициски зафати кои биле предвидени и додаде оти во уште 15 градови веќе се започнати санирања на центрите и домовите на културата. Запрашана за градење џамија на плоштад, таа одговори дека постојат законски процедури за почнување на градба и оти тие треба да се испочитуваат. Министерката Канческа-Милевска додаде дека просторот е на општина Центар и оти таа е надлежна во донесувањето таква одлука, но исто е важна и волјата на граѓаните.Во однос на тоа дали ребалансот на Буџетот ќе влијае на проектите на културата, министерката изјави дека ќе работат со дозволените средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

