Култура
Современата уметничка сцена од нордиските земји во жешкото Скопје
Овој последен августовски викенд во Скопје, благодарение на Културниот центар ЦК ќе пулсира со пониска температура. Од 28 до 30 август за првпат кај нас ќе можат да се погледнат изложби, театар, концерти, презентации на автори од нордиските земји на неколку локации низ градот
Претставувањето на современите уметници од Данска, Шведска, Финска, Норвешка и Исланд за ЦК претставува вистински погодок, бидејќи современата алтернативна сцена во овие земји во моментов е една од највлијателните во светот. „Иницијативата за претставување на различни земји од Европа и нивната алтернативна сцена постоеше од поодамна, но поради финансиите одлучивме дека ваквиот вид на претставување на региони е подобра варијанта“, изјави Русе Арсов, програмски уредник на ЦК.Стартот на нордискиот викенд беше планиран со работилница и презентација на шведскиот авангарден дизајнер Anders Jaкobsen Lagombra – „Out of CK“ во петок во ЦК, но поради здравствени проблеми на уметникот овој настан ќе биде одложен. Постои можност планираната работилница со Jakobsen да се одржи преку видео-конференција. Алтернатива за овој настан е настапот во живо на Канал 103 на бендовите „Sometime“ и „FM Belfast“ од Исланд. Истата вечер ќе биде отворена и изложбата на фотографии „This use to be my playground“ на Haidi Hove Pedersen од Данска. Pedersen e една од коосновачите на Koh-i-noor, независен уметнички простор во Копенхаген. Таа е интердисциплинарен уметник, чија работа го истражува животот на обичниот човек. „Работам со објекти и простори кои секојдневно не‘ опкружуваат. Кога по мејл ми беа испратени слики од исечените дрвја на улицата ‘Илинденска’ во Скопје се потсетив на отстранетите дрвја во една населба во Данска. На изложбата ги обработувам различните аспекти на важноста на дрвjата – што значат за луѓето, идентитетот кои му го даваат на еден простор, како и неговата економска употреба“, изјави уметницата на денешниот прес.Во сабота, 29 август, во Детскиот театарски центар во Старата скопска чаршија, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Pre Sang Real: Sons of Liberty 4“ на актерското дуо Stina Kajaso и Lisa Charlotte Baudouin Lie (Норвешка/Шведска). Во културниот центар Точка, пак, во 21:30 часот, ќе се одржи работилница и презентација на модниот дизајнер Daniel Palillo од Финска, насловена „Trash you very much“, колекција Есен/Зима 09. „Во своите колекции секогаш се обидувам да спојам 2 спротивни работи, но и да претставам нешта во кои сакаме да веруваме дека постојат“, вели Палиљо. Неделната вечер на 30 август е резервирана за концертот на групите „Sometime“ и „FM Belfast“ од Рејкјавик, Исланд на платото пред Младинскиот културен центар, со почеток во 21:30 часот.Нордискиот летен викенд се организира со поддршка од Нордискиот културен фонд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

