Култура
Нови депоа во Кинотека на Македонија
На 4 септември (петок) во 12.00 часот, Кинотеката на Македонија свечено ќе бидат пуштени во употреба новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра кои се изградени во сутеренот на административниот дел на Кинотеката
Реализацијата на овој проект е прва фаза од капиталниот проект на Министерството за култура за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци. Имајќи ја предвид комплексноста и огромното значење на проектот за Обнова и ревитализација на Хавзи-пашините конаци, реализацијата на истиот е поделена во неколку фази.Со пуштањето во употреба на новите депоа за чување на националниот фонд на аудиовизуелни добра е завршена првата фаза во која националната филмска продукција ќе добие адекватен простор за чување, а со тоа и истиот ќе биде заштитен, и фондот ќе биде префрлен од Хавзи-пашините конаци во новите депоа. Со новите депоа Кинотеката за првпат во своето 35-годишно постоење се стекнува со оптимални услови за чување на националната продукција, изработени според сите градежно-технички стандарди и според стандардите за чување филмови препорачани од светската асоцијација на филмски архиви – ФИАФ. Со тоа Македонската кинотека се вбројува во малкуте светски кинотеки кои ги исполнуваат стандардите за чување филмови.Бидејќи адекватното чување на филмската лента е еден од основните предуслови во заштитата на аудиовизуелното богатство, ова е огромен чекор во заштитата на истото, со што македонските филмски материјали ќе добијат соодветен третман. Во употреба ќе бидат пуштени 5 разладни комори наменети за чување на националната филмска продукција, негативи и архивски копии, со капацитет од 12 000 филмски кутии. Со оваа зафатнина на простор за депонирање, Кинотеката ќе биде обезбедена со простор за чување на соодветните материјали за наредните 30 години. Покрај просториите за чување на филмски артефакти, Кинотеката ќе добие и работни простории: лабораторија за чистење филмови и фото-лабораторија на црно бел процес, пикерај (техничко одделение за отстранување на физичките недостатоци на филмската лента), две простории – филмска монтажа за 35мм и 16мм филмови, електронска монтажа за преглед и обработка на филмовите снимени на елетронски начин (видео и дигитал), како и простории во кои ќе биде сместен филмскиот каталог (податоците за националната филмска продукција) и базата на податоци.Депоата свечено ќе ги пушти во употреба министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, во присуство на гости од пошироката културна и општествена јавност како и претставници на кинотеки од странство: Југословенска кинотека, Романска кинотека, Бугарска кинотека, Словенечка кинотека, Албанска кинотека, Чешка кинотека, Хрватска кинотека, Грчка кинотека… По свеченоста, ќе биде отворена изложба „Движење“ во авторство на Роберт Јанкулоски, а ќе бидат прикажани и ексклузивни архивски материјали од филмскиот архив на Кинотеката, програма составена од најзначајните филмски материјали кои ги поседува Кинотека на Македонија: снимките на Манаки и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков (1923), во пијано придружба на Дарко Мариновски.Вечерта, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажана селекција на македонски филмови од почетокот на македонското организирано филмско производство, односно „Македонски филмски прегледи“ (1947 – 1951) кои се реставрирани од страна на вработени во Кинотеката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Култура
Подгответе се за магијата на Моцарт – легендарната опера „Дон Џовани“ оживува на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари
Едно од најзначајните дела во историјата на оперската уметност, операта „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, по подолга пауза ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 7 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Ова возбудливо и комплексно оперско остварување, инспирирано од вечната легенда за Дон Жуан, плени со својот драмски контраст – спој на комично и трагично – и со незаборавната музичка генијалност на Моцарт.

Изведбата е под диригентската палка на Џанлука Мартиненги (Италија), во режија на Лев Пуљиезе (Италија). Сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореографијата на Олга Панго, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа настапуваат: Кристијан Федеричи (Италија) во насловната улога Дон Џовани, Јанош Носек (Полска) како Лепорело, Игор Дурловски како Комендаторе, Биљана Јосифов како Дона Ана, Нико Франкини (Италија) во улогата на Дон Отавио, Злата Тошевска како Дона Елвира, Николина Јаневска како Церлина и Драган Ампов како Мазето, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Дон Џовани“ е опера инспирирана од легендата за Дон Жуан, во која Моцарт и либретистот Лоренцо да Понте создаваат сложен и фасцинантен лик што ја отсликува вечната борба меѓу желбата, моралот и одговорноста. Со својата музичка генијалност и длабока психолошка разработка на ликовите, делото и денес силно комуницира со современата публика и го задржува статусот на едно од највлијателните оперски остварувања во светската музичка литература.
Култура
Американска премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами
Анимираниот филм „Јон Вардар против галаксијата“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски, влезе во официјалната селекција на Miami Science Fiction Film Festival, еден од водечките американски фестивали посветени на научната фантастика.
Фестивалот, кој со години привлекува врвни автори и продуценти од целиот свет, е препознатлив по својот фокус на иновативни, визионерски и авторски филмски дела. Во претходните изданија меѓу специјалните гости се најде и Џорџ Р.Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана глобалната хит ТВ серија Игра на Тронови.

Со селекцијата во Мајами, филмот го продолжува својот успешен фестивалски пат и дополнително ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера ја имаше во Ситџес, Шпанија, еден од најголемите жанровски фестивали во светот, а досега беше прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали, каде што освои шест награди.
„Среќен сум што преку овој филм не само што и‘ дадовме на Македонија прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави Цветановски.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, а продуцент е Алан Кастиљо.

