Култура
Театарска недела на програмата на „Културно лето Карпош 2009“
Со авторскиот проект на Слободан Деспотовски „Стари пријатели“ во Драмскиот театар на 2 септември продолжува програмата на „Културно лето Карпош 2009“. Оваа недела публиката ќе може да погледне пет театарски претстави
На 4 септември, со почеток во 21 часот, на платото во ТЦ Лептокарија ќе биде изведена претставата „Валкани приказни“ од Мал драмски театар – Битола, во режија на Софија Ристевска. „Валкани приказни“ од П. Гутиерес, Р. Полеш, Е. Енслер и Е. Олби на публиката и‘ нуди микс на современиот свет токму преку сексуалноста, страстите и различните девијации. Распадот што се случува во општеството доспева на сцената. Оваа едночинка е своевидна деконструкција на сексот и насилството. Трите лика се маргиналци (иако млади веќе се губат во џунглата на светот, а нивното барање на сопствениот идентитет е повеќе скитање), кои доспеваат на јавната сцена, нешто што само по себе им се препорачува на младите генерации театарски гледачи. Бруталноста и вулгарноста тука се во функција на естетски категории како еден вид хиперреализам. „Валканите приказни“ се чист и девствен театарски чин, кој може да се сублимира како приказ на суровата вистина.Играат: Никола Тодоровски, Стрезо Стаматовски и Адријана Билаловиќ.Наредната вечер, во Хавзи-пашините конаци во Бардовци, ансамблот на НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе ја изведе претставата „Крпен живот“ во режија на Владо Цветановски. За драмска нишка претставата го има романот на Стале Попов, но нема класична драматуршка структура, туку е составена од фрагменти, слики, моменти од еден заборавен живот, ехo на нашето колективно генетско сеќавање. Играат: Кирил Ристовски, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Алекандар Тодески, Димитар Црцороски, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Даниела Стојковска, Димитар Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска, Александар Степанулески и Никола Настоски.На 6 септември, 21 часот, на академската сцена при Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе биде изведена „Пикник на фронтот“ во режија на Лука Кортина. „Пикник на фронтот“ е надреална, црна комедија за војната. Авторот, Фернандо Арабал, е современ шпански писател кој живее во Париз, откако избегал од режимот на Франциско Франко. Играат: Мирослав Петковиќ, Перо Арсовски, Снежана Стамеска, Кристијан Светиев, Тина Трпкоска и Катерина Аневска. На 7 септември, пак, на сцената на Драмскиот театар, ќе биде одиграна „Граница“ – уште една претстава на Мал драмски театар – Битола, во режија на Софија Ристевска, по текстот на Венко Андоновски. „Граница“ зборува за тоа колку политиката навлегува и располага со човечката индивидуа. Оваа претстава јасно покажува дека општеството, дури и кога е најагресивно, не смее да да го повреди просторот под покривката на креветот. Играат: Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Никола Тодороски, Јоана Поповска и Борис Чоревски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

