Култура
Слики од Дејан Арсовски во Куманово
Во четврток, 17 септември, во изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе биде отворена првата самостојна изложба на академскиот сликар Дејан Арсовски
Арсовски ќе се претстави со дваесетина дела, работени во техниката масло на платно во периодот 2002 – 2009. „Сликите јасно укажуваат на фактот дека авторот е во фаза на јасно дефиниран ликовен израз којшто, пак, е со тенденција на перманентно себеистражување во тематска смисла и постепено надградување во ликовно – техничка реализација.Човечките фигури кои ги претставува младиот уметник не се разубавени, тоа се фигури и фаци што ги среќаваме во секојдневниот живот со сите мани и убавини коишто тие ги поседуваат, со сите добри и лоши расположенија што ги носи животот, а кои делумно можеме да ги прочитаме од нивните лица. За поедноставна комуникација, авторот на некои слики става и одредени атрибути (волан, буре, бр.37, знамиња и др.) коишто треба заедно со насловот да ја откријат идејата и да му дадат насоки на конзументот. Композицијата и цртежот се академски избалансирани, со одличен контраст на релација фигура-позадина, а во дел од нив потенцирана е перспективата („Пред малата врата“), надреалната поставеност („Мечта на морнарите“, „Вљубени“) како и ангажираниот пристап преку отварање на актуелни прашања („Непослушниот“, „Мајка со деца“, „Симпатична млада левичарка“…). Боите се чисти и благо нијансирани од посветли кон потемни кога треба да се стават во функција на доловување на волуменот. Иако на моменти во концептот на оваа ликовна продукција наоѓаме допири со стрипот и плакатот, сепак, можеме да констатираме еден формиран ликовен код којшто Дејан Арсовски секогаш ќе го прави препознатлив. Во таа смисла и првото негово претставување ќе биде забележано од ликовната публика и критика како зачекорување на едно ново име на македонската ликовна сцена кое човечката фигура ја става во центарот на своите ликовни истражувања“, вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.Дејан Арсовски е роден 1978 година во Куманово. Дипломирал на националната ликовна академија во Софија, Бугарија, во 2005 година, а магистрирал на истата академија во класата на професорите Божидар Бојаџиев и Станислав Памукчиев. Живее и работи во Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

