Култура
Благој Нацоски повторно пред јапонската публика
Нашиот реномиран оперски уметник Благој Нацоски во недела, 20 септември, ќе ја отвори новата 2009/2010 сезона на Националниот театар на Токио со „Отело“. Ова е втор настап на Нацоски годинава пред публиката во Јапонија
Во операта „Отело“ на Џузепе Верди Нацоски ќе го игра ликот на Касио. Диригент е Рикардо Фрица, а режијата на познатиот филмски режисер Марио Мартоне. Отело ќе го толкува американскиот тенор Стивен Гулд, познат пред се‘ по Вагнеровите тенорски партии, а во улогата на Дездемона ќе се појави Тамар Ивери од Грузија. Останатите улоги им се доделени на јапонските пејачи Кјоко Моријама, Хидеказу Цумаја и други. Националниот Театар на Токио претставува единствена оперска куќа во Јапонија со редовна целосна сезона на оперски претстави. Истиот е отворен пред 10 години и изобилува со најавангвардни сценски можности. По премиерата ќе следат уште 5 репризи се‘ до 6-ти октомври. „Ова е вторпат за мене да го пејам овој лик во мојата досегашна кариера (претходниот пат беше во Парма во 2007) и е една од ретките Вердиеви партии во мојот репертоар. Се работи инаку за нова продукција на ‘Отело’, која ја подготвувавме околу еден месец. Концепциски продукцијата е сместена во 19 век, а на сцената преовладува венецијанската архитектура со кипарски примеси. Театарот е доста авангварден така што на сцената имаме канали со вода, буквално како во Венеција, како и огномети, оган итн. Ми претставува огромно задоволство да настапавам во овој театар, односно да бидам дел од отворањето на нивната сезона. Хорот и оркестарот се едни од најквалитетните ансамбли со кој сум соработувал досега“, вели Нацоски. По „Отело“ заминува во Бари, Италија, каде ќе го игра ликот на Лисандер во „Сон на летната ноќ“ од Бенџамин Бритн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сè што ни е заедничко – во МСУ изложба што го покренува прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.
Култура
Промоција на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска
Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Во ова обемно и луксузно издание, на 180 страници, опфатени се сите значајни аспекти од 45-годишната кариера на Рисима Рисимкин ‒ од самите почетоци како балерина, со сите предизвици со кои се соочувала, до големите успеси што ја дефинираа како истакната кореографка од областа на современиот танц, којашто со нејзината едукациска работа зад себе остава нови генерации танчари и кореографи. Рисима Рисимкин е клучна фигура во македонската култура, а нејзиниот труд годинава беше крунисан и со високото признание ‒ Витез на францускиот ред на уметностите и книжевностите што го доделува државата Франција.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Култура
Љутков од Белград: Македонската ликовна уметност е културен мост меѓу Македонија и Србија
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во Македонскиот културно-информативен центар во Белград ја отвори изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници чии дела се чуваат во приватни белградски колекции.
Во присуство на многубројни гости, министерот Љутков во своето обраќање истакна дека изложбата на која се претставени дела од реномирани македонски уметници, меѓу кои и дела од основоположниците на современата македонска ликовна уметност во сопственост на познатиот белградски колекционер Игор Станковиќ, претставува топол културен мост меѓу Македонија и Србија.
„Делата на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Георгиевски, Коџоман, Корубин, Луловски, Бајалска… вечерва нѐ обединуваат во прекрасниот свет на ликовната уметност. Тие им припаѓаат на автори чии имиња одамна ја обележале нашата уметничка мисла, уметници кои со својот поетски јазик, својата тишина и својата смелост ги надминале границите на времето и просторот. Затоа вечерва не откриваме само изложба на уметнички слики, туку и фрагменти од креативниот дух кој струи низ нашите две земји. Ова е доказ за нераскинливата културна врска меѓу нашите два народа“, рече министерот Љутков, додавајќи дека вистинското богатство на уметноста не лежи само во институциите и музеите, туку и во домовите на љубителите што со голема почит ги чуваат овие дела.
Тој изрази благодарност до Станковиќ за неговата стручност, љубов и посветеност во зачувувањето на македонската ликовна традиција, нагласувајќи дека изложбата е „чин на непроценливо културно признание и пријателство“.
Иницијатор и домаќин на настанот е директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров, кој ја истакна важноста на овој проект за афирмацијата на македонското ликовно наследство.
Реализацијата на изложбата „Откритија“, која е отворена за посетители до 29 ноември, е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува значаен проект што отвора ново поглавје во презентацијата на македонската уметност во Србија.

