Култура
„Касандра“ утревечер го отвора „Млад отворен театар“
Копродукцискот проект помеѓу театарските фестивали „Теута“, „ИНФАНТ“ „Ex Ponto“ и „МОТ“ утревечер во 20 часот, во Младинскиот културен центар, ќе го отвори 34. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“
По премиерите на театарските фестивали низ Балканот, „Касандра“ ќе ја доживее и македонската премиера. Претставата е по текст на Љубомир Ѓурковиќ, во режија на Слободан Милатовиќ, а извршен продуцент е Дамир Домитровиќ – Кос, инаку годинашен селектор на „МОТ“. Македонскиот дел од екипата ја сочинуваат драматургот Загорка Поп-Антоска Андовска и костимографот Благој Мицевски. Играат: Сенка Булиќ, Тихана Чулафиќ, Јована Стипиќ, Нико Горшиќ, Шукрија Жути Серхатлиќ, Љубомир Ѓурковиќ, Слободан Милатовиќ, Дамир Домитровиќ – Кос.
Касандра, античката пророчица се појавува во новата модерна верзија на Ѓурковиќ. Драмата е поврзана со пророштвото, а иницијативата за реализација на претставата е поврзана со еден момент на откровение кое им се случило на авторот, режисерот, продуцентот и еден од актерите на претставата во 2006 година.„Текстот на Љубомир Ѓурковиќ е уникатен, комуницира со современиот европски театарски контекст, но е и блиску до нашето опкружување, Балканот. Радикален и жесток, спој на античкото и документарното“, изјави драматургот Загорка Поп-Антоска Андовска. „Касандра“ е претстава која на вистински начин кореспондира со годинешното мото на фестивалот „Твоето огледало“ – Зошто споделуваме детали од нашата интимност со други? Од каде доаѓа потребата да се исповеда една лична шокантна и емотивна приказна во реално шоу?За словенечкиот актер Нико Горшиќ токму оваа мешавина на античкото и современото, класичното и алтернативното, е правецот во кој денес се движи авангардниот театар кој секогаш бил и ќе биде критика на еден постоечки систем.Инаку, годинава на „Млад отворен театар“ ќе биде доделена една единствена награда за најдобра претстава на фестивалот, за која ќе одлучи четиричленото жири: Светлана Бонева, театрски критичар од Бугарија и Александра Бошковска, Маја Неделковска и Борче Грозданов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

