Култура
„Евита“ и „Ескуриал“ вечерва на „МОТ“
Вечерва „Млад отворен театар“ е резервиран за две претстави – „Евита“ на театар Хотел Булиќ од Хрватска во 20 часот и премиерата на „Ескуриал“, копродукциски проект на „МОТ“, Градскиот театар и Драмски театар, во 22 часот
Како сред ноќна мора во која постојано се менуваат и мешаат елементи на горчлив хумор, ликот на Ева Перон балансира помеѓу застрашувачкото и гростескното. Присуството на смртта (болничарката со инјекции), затвореноста и безизлезноста (стражарите кои не и‘ дозволуваат да излезе), бесмисленоста на празните зборови (Ибица со своите клише фрази) и бесчувствителноста, претставуваат свет од кој бучно и агресивно, Ева се обидува да побегне. Станува збор за нестварен свет во кој со огромна брзина се нижат различни слоеви од еротски фантазии до стравотона асоцијација со воен режим во кој прашања како власт, потчинетост, женски идентитет, секс и смрт, се појавуваат и губат помеѓу сенките и светлината, периките и шминката.Режијата е на Сенка Булиќ, сценографија Томислав Ќурковиќ, костимографија Оливер Јулариќ. Играат: Нина Виолиќ, Јелена Михољевиќ, Дарко Јапељ, Кристијан Белухан, Миро Манојловиќ.„Ескуриал“ е работена по текстот на белгискиот автор Мишел де Гелдерот, во режија на Ристе Алексовски. Мишел де Гелдерот (1898-1962) еден од најамблематичните автори на постмодерниот театар, препознатлив по исклучително остриот естетски и тематски авторски потпис, секогаш скицирајќи и препознавајќи ги болестите на општеството и индивидуата. Самата пиеса во себе ја носи темата на оправданото насилство, насилство чиј лајт-мотив е апсолутната фиктивна морална правда. Самото дејствие е позиционирано во подземјата на кралскиот двор, крал – последниот потомок на една болна и убава раса чија кралица умира и еден фламански верен шут кој е многу тажен. Низ играта на двајцата се осознаваат бизарностите на круната и кралската должност наспроти чистината на емоциите на еден шут кој не може да се смее.Играат Сашо Тасевски и Рубенс Муратовски. Во клубот МОТ, во склоп на фестивалот, од 23 часот следува настапот на „Stuttgart On Line“ од Србија, панк-состав дел од Нова српска сцена. Досега имаат настапувано на фестивали како Егзит, Nisomnia, Art&Music…
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

