Култура
„Созерцание“ е македонскиот кандидат за Оскар
Филмот „Созерцание“ на режисерот Иво Трајков е македонскиот кандидат за Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје
Комисијата во состав Роберт Насков, продуцент, Димо Попов, кинематографер, Жаклина Крстевска, костимограф и Кирил Спасевски го кандидираше „Созерцание“ како единствен пријавен македонски кандидат.
„Созерцание“ е македонско-чешка копродукција и е поддржан од Филмскиот фонд на Македонија и Филмскиот фонд на Чешка.Темата на овој филм е конфликтот на поединецот помеѓу неговата слободна волја и предестинираната судбина. Овој дуализам кој лежи во основата на човечката природа, во приказната е изразен преку постоење на еден натприроден лик во целосно реалистичен опис на патување на еден млад човек низ современиот свет чија кротка и емотивно чиста душа е присилена да се конфронтира со искушенија и конечно да го понесе бремето на одговорноста и донесувањето одлуки. Патувањето на Јосиф навидум е монотоно секојдневие на обичен човек кој се соочува со проблеми на професионален и приватен план кои настојува стоички да ги поднесе, но надворешната пасивност и препуштањето на текот стануваат целосно соголени пред внатрешното огледало симболично претставено преку сонот. Oваа деликатна приказна на главниот лик завршува со созерцание, будење и откривање на вистинскиот пат и способноста да се предизвика и промени сопствената судбина кое носи ослободување од дилемите на детската понизност и неодговорност и препознавање на вредностите и перспективите кои ги нуди животот.Музиката за овој филм ја компонираше Зоран Маџиров, а автори на главната музичка тема на филмот со наслов „Until the end” се Дуке Бојаџиев и Анџела Мекласки, која во 2004 беше номинирана за наградата Греми за светски познатиот хит „Breathe”. Монтажата на музиката на филмот ја направи Атанас Георгиев кој исто така е и автор на „Филмот за филмот“ (making of). Костимите за филмот ги изработи Маријана Котевска.Главните улоги во филмот ги толкуваат чешките актери Давид Швехлик, Карел Зима, Магда Сидонова и македонската актерка Верица Недеска-Трајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

