Култура
Шукарова со проект во Франција

Кореографката Искра Шукарова во периодот од 13 сепптември до 13 октомври, заедно со својот партнер кореограф Дејан Срхој од Словенија, работи на истражување и припрема на нов проект – копродукција помеѓу МОБ, „Локомотива“ и Кореографскиот центар на Јозеф Наџ во Орлеан, Франција
Кореографот Јозеф Наџ на секои две години селектира три копродукции од целиот свет кои ги поддржува со резиденција во својот центар и потоа ги презентира во рамки на неговиот интернационален фестивал Траверс 2009. Во 2010 делото ќе биде изведено во Скопје, како дел од копродукцијата помеѓу Македонската опера и балет, „Локомотива“ – центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Центарот на Јозеф Наџ. На фестивалот Траверс во Орлеан се поканети уметници од Египет, Јапонија, Мароко, Белгија и Франција.Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за култура на Република Франција и Министерството за култура на Република Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Кинотеката на Македонија со зголемен буџет од 𝟣,𝟧 милион за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година

Н.У. Кинотека на РС Македонија во 2025 година влегува со буџет од 7,5 милиони денари со кои ќе реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачка дејност. Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година.
Најголемиот дел од вкупната сума, односно 6,5 милиони денари, ќе бидат потрошени на тековни и нови проекти во областа на заштитата, како што се прибирање филмови и филмски материјали, документација и музејски ескпонати, обработка и каталогизација на прибрана граѓа, но и на годишната филмска програма во Кинотеката, преку која се обезбедуваат проекци на актуелни и култни филмски остварувања во една од најпосетените киносали во државата.
Годинава ќе се работи и на дигитална реставрација на уште едно класично дело од македонската кинематографија – играниот филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА (1967) на режисерот Трајче Попов, како и на дигитална реставрација на 25 анимирани филмови од македонската школа на анимиран филм, школа која беше активна во ‘70-те и ‘80-те години на 20. век (Д. Марковиќ, Б.Пејчинов, Д. Михајловски, итн.). Играниот филм МИС СТОН (1958) на режисерот Ж. Митровиќ што минатата година беше дигитално реставриран, а оваа 2025 година ќе го добие и своето блу-реј издание.
Во соработка со македонските културно-информативни центри во регионот, Кинотеката ќе организира и презентација на македонската кинематографија преку програма насловена како „Денови на македонски филм“, а на полето на издавачката дејност, покрај новиот број на Кинопис, се подготвува да излезе од печат и монографијата „70 Години македонски филмски плакат“.
Култура
Почина Наташа Маневска, драматург во штипскиот театар

Со огромна тага ја споделуваме веста за смртта на нашата колешка Наташа Маневска, драматург во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, соопшти штипскиот театар.
Маневска беше член на нивниот колектив од 2011 година и во периодот од 2011 до 2015 година беше на чело на институцијата како директор.
Од 2016 година беше на работното место драматург.
Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Штип в четврток, 27.2.2025, од 13 до 14 часот.
Комеморација во нејзина чест ќе се одржи во Театар „Штип“ в петок, 28.2.2025 во 12 часот.
Култура
Концерт на филмска музика на Кирил Џајковски

Првпат во живо со голем филмски оркестар премиерно ќе се одржи концерт на филмска музика на Кирил Џајковски.
Неговата работа како композитор на музика за филм беше придружен елемент на многу домашни и интернационални филмови, меѓу кои: „Големата вода“ (за која доби награда за најдобра музика на филмскиот фестивал во Валенсија, Шпанија), „Прашина“, „Сенки“, „Балканот не е мртов“, „Врба“, One more game, „Бал-кан-кан“, Piargy, „Трето полувреме“ и многу други. На концертот Кирил Џајковски придружуван со 30-член оркестар под диригентската палка на Џијан Емин ќе ги изведе легендарните музички теми, кои беа неизоставен дел од овие филмски остварувања.
Освен што е еден од најценетите електронски артисти од регионот, тој е и успешен композитор на филмска и театарска музика. Овој концерт претставува своевидна ретроспектива на 25-годишната филмска работа на Кирил Џајковски. Филмската музика на Кирил не само што ги надополнува и издига филмските сцени, таа и живее независно од филмот. Овој концерт ќе биде одлична можност еден од најпродуктивните композитори на музика за филм на Балканот пред македонската публика да го претстави својот извонредно големи и значаен опус.
Концертот e замислен како посебно аудио и визуелно доживување, а ќе се реализира на 6 април 2025 година во големата сала на Националната опера и Балет со почеток во 20 часот.