Култура
Започнува новата концертна сезона во Македонската филхармонија
Со вечерашниот симфониски концерт во Домот на армијата во Скопје, под диригентство на маестро Урош Лајовиц од Словенија, започнува новата концертна 2009/2010 сезона на Македонската филхармонија
Како солист ќе настапи пијанистката од Турција, Ѓулсин Онај. Со изведба на свитата од балетот „Лабин и Дојрана“ на основоположникот на македонското музичко творештво, Трајко Прокопиев, ќе биде означен почетокот на сезоната, а ќе бидат изведени и „Концерт за пијано и оркестар“ во а-мoll од Едвард Григ, како и делото „Жар-птица“ од Игор Стравински.
Маестро Лајовиц е редовен професор по диригирање на Високата школа за музика во Виена. Соработувал со сите водечки симфониски оркестри на некогашна Југославија, како и со угледни светски оркестри меѓу кои се: Минхенската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Берлинското радио, РИАС симфониета, Оркестарот на радио Лајпциг, Оркестарот на јужно-германското радио, Бах-Колегиум од Минхен, Оркестарот Моцартеум од Салцбург, Московскиот државен оркестар, Киевската филхармонија, Јаначекова филхармонија од Остраве, Прашката филхармонија, Оркестар РТВ Катовице, Бернскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Гетинген, Белгискиот национален оркестар, Токиската филхармонија… Од 2001-2006 година бил шеф-диригент на Белградската филхармонија.Ѓулсин Онај има интернационална кариера и досега одржала стотици концерти на сите континенти и во најголемите светски музички центри како Виена, Лондон, Минхен, Берлин, Париз. Свирела и во Јапонија, САД, Венецуела. Често одржува хуманитарни концерти низ светот, а прогласена е и за амбасадор на УНЕСКО.Инаку, Македонската филхармонија оваа година слави 65 години од своето постоење. На 26 ноември кога се прославува роденденот, ќе има свечен концерт под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски, каде како солист ќе настапи нашата позната пијанистка, амбасадор на културата во Австрија, Елена Мисиркова изведувајќи го концертот за пијано од Властимир Николовски. На програмата на овој концерт ке биде изведена една од најубавите композиции напишани од Чајковски – неговата „Симфонија бр. 5“. Во новата сезона ќе се напушти циклусот на џез-симфониски концерти, но на сметка на тоа ќе се воведе нов циклус насловен „Слушајте филм“, а ќе бидат и изведени две големи вокално инструментални дела: „Пасија по Матеј“ напишана од рускиот епископ Иларион Алфеев и „Реквием“ од Габриел Форе, што ќе биде и велигденски подарок за публиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

