Култура
Кантата
Пишува: Влатко ГАЛЕВСКИ
Лето. Годишно време за сите видови активности и ќефови освен за скијање и пита пастрмајлија. Но, за кого како. Мојата, на пример, кревка и с’клетџиска природа не се согласува да биде изложена на сончевата ултравиолетова дарежливост. Да скратам. Кога за многумина е време за плажирање, јас, како овчичка на пладне, барам дебела сенка во вид на климатизирана просторија каде со макијато ќе прочитам уште некое поглавје од актуелната книга. Таква ова лето ми беше книгата Наивен-Супер од исклучителниот Норвежанец Ерланд Лу. Човекот баш има откачени идеи кои бравурозно ги соопштува… И има едно место во книгата каде што главната фаца од романот се натпреварува со едно седумгодишно дете, кое може да наброи повеќе животни што во живо ги видел, а да не важат оние видени во зоолошка градина. Забавна ментална игра на присеќавања и подлажувања. И одеднаш се фатив како ликувам. На нивните списоци на набројување животни ја нема видрата. А јас сум видел на неколкупати видра во живо, на Црни Дрим, на неколку метри од мене, таму долу кај Луково, во густите врбници, кога реката е полноводна и кога може да се извади и по некоја пастрмка. Видра, тој лукав, елегантен, брз и соврешено вододинамичен и неприкосновен ловец од слатките води… Ама овде зборувам за некои среќни и мирни летни денови. Инаку, летото знае да биде пеколно жешко во овие предели. Тоа е она што не го сакам, а риболовната страст сепак победува. Ем не сакам жешко, ем се согласувам да се печам.Значи, тој ден немаше видри, сонцето немилосрдно жеже, пладневна, влажна омарнина а “мајсторов” упорен како маска на мост. Ете, тука, на брегот на глобочичкото езеро, на местото што го викаме “Бучало” поради стрмното бучно влевање на Пискупштинска Река во езерото, значи кај Бучалото гледам, скока кленот. Фаќам некаква џбунеста полусенка и под неа како порачана една деформирана празна канта од сирење за да може да се седне. (Кога водата во езерото е симната, често на брегот остануваат едночудо чудни отпадоци како резултат на вроденото чувство на подримските жители за хигиена и екологија – но само во својот двор). Тука важи онаа новокомпонираната: Пушти ги во вода лајната ќе одат.Седнувам на ворхоловски дизајнираната канта, зафрлам со блинкерот и… и… слушам некој чуден звук. Чудно! Нешто како просејување песок или ориз низ прстите на дланката. Звук сличен на оној кога со калофониум се мачкаат струните на гудалото, на граница на ултразвук, на граница на слушливост, а сепак звук, продорен, постојан и упорен. Времето тивко, без ветар, ниските грмушки воопшто не треперат. А сепак, нешто слушам. Во меѓувреме, успевам да го уловам првиот клен-порцијаш. Кусо звучно препелкање во водата и повторно онаа непријатна СФ-резонанца упорно ми ги напрегнува сетилата. Пак обѕрнување лево-десно, напред-назад… за конечно да сфатам дека звукот доаѓа оддолу, од под мене, од кантата. Погледнувам меѓу нозете, во лимената “Цхеесе-Цола” амбалажа… и…Анимал планет!!! “Прекрасно” клупко од дузина сиво-кафени змии и змијулчиња, очигледно вознемирени од поместувањето на нивното легло каде што се вдомиле во пријатната усвитеност на ламарината. Некои од нив веќе почнале да го напуштаат својот термички рај, тука, до моите старки!Рипнав како попарен! Без логична причина, се разбира. Овие змии сепак се само водни (барем мислам?). Од пристојна далечина ја набљудувам миграцијата на влечугите. Подоцна, канта-столот е безбеден за користење. Седнувам и си преаранжирам една стара народна мудрост:Сонце да те клапне,Клен да лапне, или Змија да те апне?Видрите се сепак поубавата епизода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.

