Култура
Гостувања на Никола Маџиров во Берлин

Утре во Берлин, на традиционалното читање „Книжевен тандем“ ќе учествува македонскиот ппоет Никола Маџиров, заедно со германската поетеса Улјана Волф
Секоја година жирито на фондацијата „Brandenburger Tor“ избира по еден автор од Централна и Источна Европа кој ќе престојува и твори два месеци во Берлин, а како резултат на тоа германски автор доаѓа како гостин во земјата на селектираниот автор. Никола Маџиров престојуваше во Берлин во мај и јуни, а Улјана Волф живееше и твореше во Македонија во септември и октомври годинава. Ова читање е финалето од овој книжевен тандем, а потоа напишаните есеи и песни ќе се објават во списание заедно со другите европски тандеми. Никола Маџиров оваа сабота ќе учествува и на завршната меѓународна поетска вечер од големиот настан што се одржува во Берлин – „10 години од поетската интернационална мрежа Лириклајн“. Овој настан вчера го отвори претседателот на Германија и поранешен директор на Меѓународниот монетарен фонд, Хорст Колер. Тој во својот говор нагласи дека поезијата е од голема важност и денес, бидејќи таа е најпрефинетиот и најсубјективниот начин на обликување на јазикот, на оживување на светот во зборови, на изразување на личното постоење. Финалното поетско читање на 31 октомври во 20 часот ќе биде пренесувано во живо низ целиот свет преку интернет страницата www.lyrikline.org и на него, покрај Никола Маџиров кој ќе ги чита песните на македонски јазик, ќе настапат и поети од Нигерија, САД, Аргентина, Малави, Холандија, Намибија, Канада, како и една од најголемите живи германски поети, Елке Ерб.Во рамките на јубилејот „10 години Лириклајн“, под покровителство на Амбасадата на Р. Македонија во Берлин, на 30 октомври во просториите на амбасадата ќе се одржи поетско читање на кое ќе учествуваат и германската поетеса Улјана Волф, Американката Клаудија Келан, како и Звонко Маковиќ од Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Седумдесет поети од земјава и странство на 64. издание на Струшките вечери на поезијата

Од 21 до 25 август по 64-ти пат ќе се одржат Струшките вечери на поезијата, а Струга уште еднаш ќе биде центар на светската поетска сцена.
Седумдесет поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на манифестацијата.
Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството…
Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
Директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш денеска на прес-конференција информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде Глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.
„Токму затоа за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.
Според него, Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.
„Она кое се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека Струшките вечери на поезијата не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое што оваа манифестација е всушност наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.
Култура
Јовановиќ: Прикажавме силно авангардни и ангажирани филмови на унгарската филмска вечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“ викендов во копродукција со МФФ Киненова беа прикажани унгарските филмови „Три илјади изброени парчиња“ и „Без здив“.
Кинo-проекциите се одржаа во Центарот за култура „Григор Прличев“, а беа дел од Унгарската вечер на фестивалот, која беше поддржана од Унгарската амбасада и Општина Охрид.
– Силно авангардниот и ангажиран филмт „Три илјади изброени парчиња“ во режија на Адам Чаши ја отвори филмската вечер, а продолжи со филмот „Без здив“ во режија на Каталин Молдовај.Настанот привлече бројна публика, а филмот „Три илјади изброени парчиња“ кој е силно ангажиран и авангарден филм сметам дека предизвика силни импресии кај присутите со темата за дискринимација на одредени малцинства во европските општества, вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова.
Култура
Почина актерот Теренс Стамп, познат по улогата на негативец во филмот за Супермен

Теренс Стамп, британсски актер кој имаше кариера долга шест децении во филмот, почина на 88-годишна возраст, јавува Би-Би-Си.
Стамп, кој беше номиниран за Оскар, глумеше во бројни филмови, а исто така ја играше и улогата на главниот негативец, генерал Зод, во филмовите за Супермен.
Стамп починал утрово, соопшти неговото семејство.
„Зад себе остави извонреден опус, како актер, така и како писател, кој ќе продолжи да ги допира луѓето во годините што доаѓаат,“ изјавија тие.