Култура
„Cinedays 2009“
Овогодинешното, 8. по ред издание на Фестивалот на европски филм „Cinedays“ ќе се одржи од 20 до 26 ноември во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар
И покрај малите средства за фестивалот од Министерството за култура и Град Скопје, сепак организаторите најавија квалитетна филмска манифестација, со програма која како и изминатите години ќе продолжи да ги промовира европските културни вредности и традиции и европското филмско творештво. Годинава на „Cinedays“ поради финансиските проблеми нема да има гости. За селекторот на официјалната програма, режисерот Владимир Блажевски, програмата опфаќа проверени филмски имиња од европската филмска традиција, повеќето од нив со респектабилни опуси зад себе како Рене, Белокио, Алмодовар, Ханеке, Озон, Далдри… Официјалното отворање во петок е со годинешниот лауреат на Канскиот филмски фестивал, филмот „Белата лента“ на Мајкл Ханеке. Покрај „Белата лента“ во официјална конкуренција за наградата Златна ѕвезда за најдобар филм се селектирани: „Дива трева“ на Ален Рене (Франција), „Победници“ на Марко Белоки (Италија), „Рики“ на Франсоаз Озон (Франција), „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“ на Срѓан Драгоевиќ (Србија), „Невреме“ на Ханс Кристијан Шмит (Германија), „Читачот“ на Стивен Далдри (Оскар и БАФТА за најдобра главна женска улога на Кејт Винслент), „Селски учител“ на Бохдан Слама (Чешка), „Макс Манус“ на Јоаким Ренинг и Еспен Сандберг (Норвешка), „Полиција, придавка“ на Корнелиу Порумбоиу (Романија), Приказни од златната ера“ на петорката Хефер, Маркулеску, Мунгиу, Попеску и Урицару (Романија), а затворањето е со „Скршени прегратки“ на Педро Алмодовар (номинација за најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал). За најдобрите филмови на фестивалот ќе одлучува тричленото жири: Илинденка Петрушевска (претседател) и членовите Орхан Таир (Бугарија) и Џевдет Гуслиќ (Босна и Херцеговина). Паралелната музичка програма на „Cinedays“ оваа година опфаќа неколку музички документарци и концерти во клубот Cinedays. Во музичката филмска програма ќе бидат прикажани вкупно 9 филмови, меѓу кои „The Fall: The Wonderful and frightening world of Mark E. Smith“ на Дион Њутон од САД, „Напред у прошлост“ на Дарко Ковачевиќ (Србија), „Dub echoes“ на Бруно Натал (Бразил), „Put the needle on the record“ на Џејсон Рем (САД) и други, а после проекциите во наредните денови во МКЦ ќе настапат неколку состави, како „Горибор“ од Србија, еден од моментално најзначајните балкански бендови, „The John“ (Македонија), хип-хоп дуото „Sajsi MC“ од Србија, како и една од најголемите светски музички групи, „Wovenhand“ од САД. Селектор на музичката програма е Владица Младеновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.

