Култура
Уметноста на кафето пред скопската публика
На 22 декември во 12 часот, во ресторанот „Виторија“ во Скопје ќе биде отворена изложба на уметнички дела изработени од еден несекојдневен медиум – кафето
Кафето како уметничка форма и интересен медиум за создавање уметност е позната работа, и во светот постојат безброј уметнички дела направени токму со кафе, без никакви адитиви.Проектот наречен „Уметноста во кафето“ е заеднички проект на Факултетот за ликовна уметност и компанијата Нестле (Nestlé), по повод воведувањето на нов производ на македонскиот пазар – Буонди (Buondi) еспресо. Целта на проектот е да им овозможи на студентите да се изразат и креираат уметнички дела преку нов и необичен медиум и нивно промовирање како млади талентирани уметници за кои допрва ќе чуеме. Изложбата „Уметност во кафето“ е и можност сите да уживаме во првата изложба од ваков вид кај нас.Деновиве, студентите на ФЛУ, под менторство на професорот Антони Мазневски, инспирирани од кафето Буонди, ги создаваат своите дела кои ќе бидат изложени во ресторанот „Виторија“. На изложбата ќе бидат претставени акварели, скулптури, инсталации, и различни оригинални поставки, во зависнот од изборот на студентите.Мелено, во зрна, сварено, со пена или без, сите присутни гости од јавниот живот, медиумите, уживателите на доброто кафе, како и претставници од културни институции, ќе имаат ретка можност да видат уникатни дела. Изложбата ќе биде отворена од страна Регионалниот бизнис-менаџер за Јужна Европа на Нестле, кој специјално за оваа пригода ќе допатува во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот стрип на фестивал во Ужице, Србија
На покана на Градскиот културен центар на Ужице(соседна Србија) ,како еден од гостите на третото издание на стрип фестивалот „УЖИЧКИ СТРИП СУСРЕТИ“ беше поканет и Томе Трајков-програм координаторот на Македонскиот стрип центар со седиште од Велес. Оваа посета е финансиски поддржана од страна на Министерството за култура на Р.С.Македонија и е дел од Годишната програма за Меѓународна соработка за 2024 г.
„Престојот во Ужице го искористив да присутните, преку посебна панел дискусија но и неформална комуникација , ги запознам со актуелната стрип сцена во Македонија . Се разбира дека акцент се даде и на долгогодишната работа на Стрип центарот на Македонија и делување во интерес на македонските автори, стрип групации и воопшто целокупната наша стрип сцена. На крај организирав стрип изложба од домашни автори , учесници на последниот Интернационален стрип салон во Велес, како најзначајна стрип манифестација(фестивал ) во светот на 9та уметност во Македонија.
Беа изложени дела на македонски цртачи од понова генерација : Славица Купенкова, Ангела Петрушевска, Евгенија Трајковска, Матеа Аризановска, Вилма Дамњановска,Елена Апостоловска, Влера Чиче, Катерина Тери Николовска (сите од Скопје) ,потоа Методија Андоновски и Анастасија Недељковска од Куманово, Оливер Цветковски од Велес и на крај Теодора Христова и Михаела Васкоска од Битола. Како сценаристи на некои од делата беа застапени Ване Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип.
Од другите гости на овој фестивал, повеќето реномирани стрип артисти од регионот, се слушнаа доста комплименти за талентот на изложените стрип автори, и изразена подготвеност за развивање на идна меѓународна стрип соработка ..“-нагласи Трајков
Култура
Концерти на „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на последната фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“
Утревечер, 27 април е третата и последна фестивалска вечер од „Крај Вардарот Џез“.
Во Едукативниот културен центар Лабораториум со почеток во 21 часот со концертен настап ќе се претстават „Macedonian Free Society“. Потребата за нов-креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачи израз, како соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав.
Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба на поединечни музички преокупации и изразни форми на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна целина е резултатот на овој современ ансамбл. Неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за ПМГ Џез, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.
Веднаш потоа во 22 часот на истата локација, концерт на „Поетроника“. Еден од највозбудливите музички проекти во земјава, кој поставува нова парадигма во начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс и во симбиоза со авторска електронска музика, изведена во живо. Заслужни за тоа се двајца врвни современи уметници, Оливер Митковски, еден до најголемите домашни актери, кој во изведбата го носи читачкиот (поетски, интерпретативен) дел и Андреја Ристески – Салпе, талентиран автор и продуцент, еден од водечките современи македонски електронски артисти, задолжен за музиката. Неочекувана, но благодарна комбинација, која дава силно модерен и динамичен поглед врз македонскиот поетски пишан збор.
Музиката на Андреја Салпе е квалитетна современа електронска продукција, со традиционални и џез одеци, која волшебно пронижена со искусниот вокал на Митковски фрла ново светло на познати и не толку познати стихови од нашето минато и сегашност од автори како: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. Квалитетот на изведбата во „Поетроника“ ги елевира песните на ново, неочекувано, неописливо атрактивно ниво и ги прави податни за ново толкување, приближувајќи ги до нова, млада публика.
Култура
Марко Бањоли во Чифте амам
На 23 април во 19 часот во Националната галерија на Македонија – Чифте амам, Скопје ќе се отвори мултимедијалната изложбата „Тркало на времето“ на истакнатиот италијански уметник Марко Бањоли.
„Со оваа изложба ја објавуваме одлуката на Советот на Остен „Земја во фокус“ на Остен Биеналето Скопје 2024 да биде Италија“, велат од Остен.
Изложбата е организирана во соработка со Зеринтија, Асоцијација за современа уметност, а со поддршка на Италијанска амбасада во Скопје и Италијанскиот културен институт во Белград.